Отворена етно изложбата „Шкриња љубави“ во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 03/5/21 6:14 PM

Отворена етно изложбата „Шкриња љубави“ во Штип

Денеска во градската библиотека „Гоце Делчев“ во Штип беше отворена етно изложбата „Шкриња љубави“, во организација на Друштвото на Хрватите „Либертас“ од Штип.

Изложбата „Шкриња љубави“ како што беше истакнато, е само дел од парчето душа сочувани спомени од детството, семејството и животот на оние кои дошле од Хрватска и останале овде. Доколку се негува културното наследство, не постои море или планина, кои ќе можат да ја прекинат врската меѓу минатото, сегашноста и иднината.

На изложбата беше присутна и хрватската амбасадорка во земјава, Нивес Тигањ. Таа изрази задоволство што во куќите на хрватите има останато спомени од Хрватска и традиционални хрватски носии.

Претседателката на Друштвото „Либертас“, Долорес Петров, зборувајќи на својот мајчин јазик, хрватскиот, истакна дека на изложбата е истакнато она што луѓето, доаѓајќи од Хрватска, успеале да го понесат со себе. Таа вели дека секогаш ќе ја носат Хрватска во срцето како родно место, изрази задоволство од соживотот во Штип и истакна дека хрватите во Македонија  секогаш биле и ќе останат лојални граѓани на државава.

На изложбата беа истакнати хрватски традиционални носии и везови, а беа отсвирени и хрватски песни.