Со нов веб портал ќе се олеснува пристапот до јавните услуги – ММС
ММС

Објавено на: 07/26/18 10:24 AM

Со нов веб портал ќе се олеснува пристапот до јавните услуги

Со нов веб портал кој во моментот го подготвува Министерството за информатичко општество и администрација ќе се поедноставува пристапот на граѓаните до јавните услуги. Ова денеска на прес конференција го најави ресорниот министер Дамјан Манчевски кој вели дека новиот портал кој е во завршна фаза ќе овозможи граѓаните полесно да доаѓаат до отворените податоци за работата на јавниот сектор. Се работи за мета податоци кои ќе бидат ставени во функција, откако ќе подлежат на анализи и на обработки.

Манчевски најавува дека ќе се отстрануваат техничките пречки за користење на податоците кои ќе бидат бесплатни, а со порталот, секоја институција ќе има можност да ги достави податоците кои и’ ги става на располагање на јавноста:

„Оваа Стратегија за отворени податоци се однесува буквално на сите институции, па дури и на локалната власт, иако ние не можеме да дадеме никаква наредба. Во следниот период ќе организираме обуки за самите институции. Во секоја институција ќе треба да се назначи посебен офицер за отворени податоци, кој ќе биде задолжен да ги пакува и објавува податоците во соодветна форма“.

Ресорното министерство ја подготвува оваа нова алатка во соработка со британската влада и истата е дел од Стратегијата  и Акцискиот план за отворени податоци кои беа усвоени минатата недела на владина седница.