Вилма Талвитие е девојката за која дознаа сите Македонци откако објави прекрасна уникатна преработка на нашата изворна песна „Јовано Јованке“.
Сите се воодушевени од овој препев, а никој не знае која е всушност девојката која на магичен начин ја пренесе песната. ММС ја пронајде и праша која е оваа талентирана девојка и како се случи да препее македонска песна.
Вилма е професионален музичар, композитор, пианист и музички педагог со потекло од Финска. Со нас сподели дека приказната со проектот „100 песни од светот“ започнува по нејзината одлука да се избори со своите стравови и да замине на патување низ светот со своето момче. Кога корона вирусот се појавил по долгите патувања, Вилма и нејзиното момче биле принудени да се стационираат на едно место. Токму тогаш Вилма одлучила дека е вистинско време од дома, преку преработки на песни од цел свет да ги поврзе луѓето во време на пандемија.
Една од песните кои Вилма ги препеа за својот проект е нашата „Јовано, Јованке“. На прашањето како се случило да препее македонска песна, Вилма вели:
„Повеќето од песните кои ги препеав во рамки на мојот проект ги научив патувајќи и од локални музичари, меѓутоа тоа не беше случај и за македонската песна. Не познавам ниту еден македонски музичар, но во сите земји од регионот кои ги посетив (особено Словенија и Бугарија) се пеејаа македонски песни.“
На сесиите со колегите музичари Вилма вели најчесто ја слушала „Јовано Јованке“, па поради заразниот ритам и приказната која ја носи песната била решена дека таа е македонската песна која има желба да ја преработи.
„Освен „Јовано Јованке“ знам уште неколку популарни македонски песни како „Македонско девојче“ и „Море Сколо Пие“, по звук препознавам и многу други македонски песни кои ги имам слушнато, но не можам да ги запаметам сите македонски наслови“, се смее Вилма.
Ја прашавме Вилма и дали и беше тешко да го совлада македонскиот јазик и да ја научи песната, па вели:
„Јазикот всушност и не е толку тежок (дури пронајдов и сличности со финскиот), она што беше вистински предизвик беше ритамот кој е комплициран за да биде лесно сфатен од нордиските музичари. Кај нас песните имаат 3/4, 4/4 и 6/8 такт, а балканските ритмови се со 7/8, 11/8 и 13/8 такт.“
Вилма вели Балканот и е особено инспиративен музички и сонува да одржи концерт и во Македонија, па и во сите земји од Балканот.
„Maкедонија ми е сѐ уште култоролошки далечна и ја немам посетено до сега, но сонувам за концерти на Балканот кои со сигурност нема да ја одминат и Македонија. Имам впечаток дека луѓето на Балканот се автентични, искрени, гостопримливи и живеат во моментот. Убедена сум дека имаат голема почит кон музиката и џем-сесиите што многу ме радува“ додава таа.
Ние и посакуваме да и се оствари желбата за концерти во сите Балкански земји и благодариме што со длабока емоција и уникатност пред цел свет ја испеа нашата „Јовано, Јованке“.
Христина Спирова