Иницијатива на 38 граѓански здруженија за сестрана заштита на Водно – ММС
ММС

Објавено на: 03/5/21 3:24 PM

Иницијатива на 38 граѓански здруженија за сестрана заштита на Водно

По повод Нацрт-одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, граѓанското здружение „Го сакам Водно” и „O2 Иницијатива” денеска во Градскиот парк одржаа прес-конференција на која го презентираа ставот на 38-те граѓански здруженија и иницијативи кои доставија барање до Владата за сестрана заштита на Парк-шумата.

На прес-конференцијата се обратија и експерти и претставници од релевантни институции, за аспекти поврзани со ерозивните и просторни процеси, интегралната заштита и иднината на планината Водно.

– Во однос на оваа постапка, „Го сакам Водно” како граѓанска иницијатива е инволвирана уште многу одамна, учествувавме на сите јавни расправи во Град Скопје, како и на јавната расправа во Министерството за животна средина и просторно планирање, но сметам дека сепак целата постапка не доби транспарентност каква што требаше да има. Јавните расправи на кои се разгледуваше оваа одлука за репрогласување на заштитата на Водно имаше многу негативни забелешки, што беа доставени но наидовме на игнорирање на истите, вели Татјана Стојановска  од граѓанското здружение „Го сакам Водно”.

Здруженијата засегнати за оваа одлука поднесоа и барање до премиерот Зоран Заев, во однос на повлекување на постапката, бидејќи сметаат дека во моментов е потребно да се формира експертска комисија, со цел јавно да се дискутира оваа проблематика.

Продеканката на Шумарскиот Факултет, Македонка Стојановска посочи дека Факултетот е против иницијативата за прогласување на Водно за заштитно подрачје од петта категорија. Стојановска наведе неколку причини зошто Факултетот не ја поддржува оваа одлука.

– Ако ги земеме фактите дека Водно е вештачки пошумено и дека до 50-тите години било голина што правела проблеми на тогашните жители на Градот Скопје, како може оваа вештачки облагородена површина на планината да се вметне во Законот за заштита на природа, во кој се заштитуваат и вреднуваат природните вредности, посочи Стојановска.

Душица Трпчевска Ангелковиќ, раководител на Секторот за просторно планирање од Агенцијата за планирање на просторот истакна дека во моментов не постојат технички услови за изработка на просторен план за Водно и додаде дека Планот за заштита на природата има и дел, што е помалку познат и говори дека Планот за управување со заштитеното подрачје треба да биде во согласност со просторниот план и задолжителна е изработка на просторни планови за заштита на подрачјата од прва категорија, односно за Националните паркови, а по потреба и за заштитените подрачја од пониска категорија, како што е случајот со Водно.

Таа додаде дека е потребно да се донесе посебен Закон за Водно, во кој точно ќе се утврди дека тоа што на планината и е потребно е План за интегрално управување, а не План за заштита на природата.

Васко Стојов, раководител на Секторот за хидрологија говореше за тоа дека Водно треба да се третира и од хидролошки аспект, односно како хидротехнички објект.

– Во 1951 година на Скопје му се случи катастрофа од поплави предизвикани од поројни дождови што паднале на планината Водно и предизвикале катастрофа, што довело до тоа да се воведат најразлични акти, правилници и одлуки со цел да се забави брзината на движење на поплавните води. Водно тогаш било третирано со цел да се заштити Скопје, вели Стојов.

Тој објасни дека денес планината е запоставена и не се потребни податоци од светот во однос на климатските промени, доволни се податоците од Управата за хидрометеоролошки работи што укажуваат на зголемување на температурата под дејство на човекот, што доведува до испарување и појава на суша.

Професорот Иван Блинков посочи дека шумата е подложна на разни абиотски и биотски проблеми, односно појава на штетни инсекти, болести на дрвјата, но и шумски пожари. Тој го истакна фактот дека на Водно на годишно ниво во просек има околу 40 шумски пожари, што не значи дека треба да се врати во состојбата од 1950 година.

Блинков истакна дека останува на граѓаните да одлучат и проценат што е добро за нив, безбедност или заштита на подрачјето на Водно.