Полицискиот билтен на СВР Штип за изминатиот ден бележи две пријави за измама, една во Штип и една во Кочани. Две жени биле измамени на речиси идентичен начин и им бил одземен златен накит.
– На 04.03.2021 во 10.10 часот во Полициската станица Штип, 50 – годишна жена пријавила дека на 03.03.2021 била измамена од две лица. Според пријавеното, лицата дошле во нејзиниот двор и под изговор дека знаат да гледаат, ја довеле во заблуда и ѝ одзеле златен накит, пишува во полицискиот билтен.
На истиот ден, но во 18.00 часот, во Полициската станица Кочани, 66 – годишна жена пријавила дека околу 16.00 часот била измамена од едно женско лице. Според пријавеното, лицето дошло во нејзиниот дом и под изговор дека знае да растура магии, ја довело до заблуда и ѝ одзело златен накит.
Од СВР Штип информираат дека се работи на расчистување на двата случаи.