Министерот за надворешни работи, Бујар Османи одржа средба со директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, директорот на Агенцијата за иселеништво и лидерите на Македонската православна црква, Исламската верска заедница и на Католичката црква кои ветиле дека ќе испратат силни пораки до нашите граѓани во дијаспората да се вклучат во процесот на самопопишување.
“Сметавме дека верските заедници можат да одиграат важна улога во процесот на самопопишување. Тие имаат широка мрежа на распространетост на покривање на сите континенти. Нашата дијаспора во значителен број е организирана преку верските заедници. Лидерите ветија дека ќе испратат силни пораки до граѓаните таму за да се приклучат кон процесот на самопопишување“, истакна Османи и додаде дека за МНР е многу важно да има точни податоци за нашите иселеници во светот со цел државата да креира политики за спречување на иселувањето од нашата земја.
Бројките биле оптимистички по одзивот, се попишале 25.000 за неколку дена и Османи очекува да добиеме историска слика за бројот на граѓани во дијаспората.
“Се обидуваме да ги искористиме сите платформи за да ја пренесеме информацијата насекаде во светот. Побаравме од нашите дипломатско-конзуларни претставништва да направат планови за информирање кои се специфични за секоја од земјите. Се користат социјалните мрежи, имаме отворени телефони, ги повикувам и медиумите за пренесување на информациите, нашите ги следат нашите вести, посебно онлајн верзиите на медиумите“, додаде Османи.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски е среќен што верските лидери му дале поддршка на процесот на пописот, но откри дека заводо има проблеми со наоѓање на кандидати за попишувачи.
На првиот оглас немало доволно интерес во 15-16 општини и затоа е распишан нов конкурс кој трае до недела. Тој истакна дека после тестирањето на пријавените кандидати ДЗС ќе има подобар увид со што ќе располага на терен во процесот на попишување.
На прашањето дали ќе биде прекинат пописот доколку бројките на новозаразени со Ковид-19 продолжат да растат, Симовски рече дека тие ќе ја почитуваат секоја одлука на Комисијата за заразни болести.
Орце Костов