Министерството за здравство обезбеди средства за набавка на сензори за мерење на дијабет кај деца, најави министерот за здравство д-р Венко Филипче во синоќешното гостување во емисијата „И што сега” на МРТВ.
-После долги години барање на родителите чии деца имаат дијабет ги набавуваме сензорите за мерење на дијабет. Тоа значи дека на една категорија деца до одреден број на години коишто замислете некогаш и во текот на ноќта треба да се разбудат за да им се измери гликемија сега ќе имаат сензори коишто се монтираат на раката и родителите точно ќе знаат колкаво е нивото на степенот на гликемија. Со тоа целосно го заокружуваме процесот на модернизација во овој дел на лекувањето на пациентите, вклучително и децата со дијабет. Иновативна терапија којашто нуди квалитетен живот, врвна контрола на гликемијата, заштита на кардиоваскуларниот систем и посебно ми е драго што оваа година обезбедивме средства да се обезбедат и овие сензори коишто ќе ги имаат верувам во следните месеци, изјави Филипче.
Министерот посочи дека во земјава, од почетокот на ковид кризата побарувачката на инсулин била зголемена за 20%, но сега има доволно инсулин, и тоа оваа терапија е иста како во најсовремените земји во светот.
-Благодарение на иновативната инсулинска терапија, тоа се инсулини коишто сега наместо боцкање кај еден дел од пациентите може да се земе таблета, понатаму инсулин којшто наместо неколку пати во денот се боцка само еднаш и тоа во било кој дел од денот и не мора да се води сметка кога се јаде, дали пред јадење па колку се јаде, дали после јадење итн. Значи најсовремени молекули коишто ја контролираат гликемијата, понатаму молекули инсулини коишто го штитат срцето и крвните садови заради несаканиот ефект на шеќерот, заради шеќерната болест и тоа е сето еден процес на модернизација којшто го започнавме уште пред две години, сега го продолжуваме освен тие три лека, сега ќе има два дополнителни. Значи 5 нови молекули на инсулин сега за следните две години којшто значајно го зголемува квалитетот на живот на пациентите коишто имаат дијабет, рече Филипче.