(Видео) Дебелите ќе останат „неизлечени“ од пусти болести – Дедо Страшо е убеден дека протнувањето под орев лечи ама ги чека и вакцините – ММС
ММС

Објавено на: 03/4/21 8:27 PM

(Видео) Дебелите ќе останат „неизлечени“ од пусти болести – Дедо Страшо е убеден дека протнувањето под орев лечи ама ги чека и вакцините

Страшо Димитровски (69), пензионер од Делчево, во јавноста е познат како „народен” забавувач, најмногу поради фактот што со неговиот бел коњ,  учествувал на голем број манифестации како Пијанечко-малешевска свадба, разни народни собири како во земјава и странство, а редовно во минатото бил и познат како „Дедо Мраз”, кој за време на новогодишните прослави во центарот на градот бил задолжен за делење новогодишни пакетчиња. Сите овие негови учества ги овековечил во видео снимки и фотографии кои ги чува на својата викендичка каде престојува најголем дел од денот.

-Еве го коњот, еве ги дечињата кога бев Дедо Мраз во 2011 година, овие сеќавања се сите со Божја воља, а колку имам фотографии еден Господ знае. Ова е од Пијанечко-малешевската свадба. Јас сум народен човек и сум роден за веселба, во Ораовица ме снимаа 12 камери, еве ги гледате моите дела. тоа ми го дал Бог и одам напред, не се плашам на никој. Има 4 години како сум во пензија, со песна ми се продолжува животот, вели Димитровски и запеа:

„Од пуста жалост за големи маки Распукала Шар Планина”…

Имотот како што додава располага со многу садници и 15 годишен стар орев. Во име на старите верувања, еден од оревите кои ги посадил, го наменил за спас на населението од разни болести. Според тоа што го слушал од старите во неговото објаснување за лековитоста на оревот, тој вели дека кога порано владеела „чумата”, луѓето ги спалувале кај местото „Могила”, а само оние кои поминувале под корените на оревите, се спасиле од болеста.

-Во старо време орале луѓето со волови близнаци и се протнувале под орев за здравје. Ова овде е ваковско, старо дрво, „ери” години народот се протнувал под оревово дрво за пусти болести. Многу луѓе порано умирале, па ги спалувале овде погоре кај местото „Могила”. Затоа сакам да оставам аманет за овој орев, бидејки според старите времиња така било, вели Димитровски.

За да направи д’лапка каде ќе се протнуваат луѓето вели дека сонувал сон, а напоменува дека го направил и за своето семејство и лично за него, бидејки како што вели има премрежија.

-Првиот во сонот рече да се најде местото и еве јас го најдов, од мака за народот како гледам по „бандерите” починати луѓе и решив да го подготвам местото за да може народот да се протне како што правеле порано. Затоа сакав да се направи нешто за луѓето а и за мене за моите внуци, имав многу премрежија трипати се давам во вода, четири пати паѓам со коњот. Кога се протнав лично се чувствувам добар, додава Димитровски.

По оревот како што додава можат да се протнат луѓе до 150 килограми, за останатите допрва ќе направи напори да направи поголем отвор.

Додека раскажуваше рече дека меѓу првите под дрвото се протнала неговата матична лекарка, но е дециден дека ова што го кажува се само преданија, тој е свесен за опасноста од коронавирусот и додава дека силно верува во медицината и кога ќе му дојде ред, како што вели, ќе биде меѓу оние кои ќе се вакцинираат против коронавирус.

За полесно да го најдат оревот кај месноста Брежјето поставил дрвени знаци, како ознака на повеќе места поставени на далечина од 800 метри долж стариот пат Делчево – Штип. За луѓето кои ќе се протнат и ќе остават пари, вели дека ќе ги подари на лицата со хендикеп, на кои како што додава многу пати им помогнал, а не на тие, вели тој, што само лежат и само „дрпинос“.