Со новата еврообврзница ќе вратиме стар долг и ќе ни останат 200 милиони евра за закрепнување од ковид-кризата, најави Бесими – ММС
ММС

Објавено на: 03/4/21 1:29 PM

Со новата еврообврзница ќе вратиме стар долг и ќе ни останат 200 милиони евра за закрепнување од ковид-кризата, најави Бесими

Издадена е осмата еврообврзница во износ од 700 милиони евра.  Со средствата што ќе се обезбедат од неа,  ќе се врати долгот  по основ на третата еврообврзница издадена во 2014 година во износ од 500 милиони евра. Нето повлекувањето по основ на оваа аукција изнесува 200 милиони евра. Ова денеска на прес конференција го образложи министерот за финансии, Фатмир Бесими. Според него, средствата од 200 милиони евра кои ќе и‘  останат на располагање на државата по враќање на долгот, ќе се користат за спроведување на мерки за економско закрепнување од ковид кризата.

Овие средства ќе се користат согласно усвоениот Буџет и за финансирање на целиот здравствен сектор зависно од потребите за справување со ковид кризата.

„Обезбедени се средства за вакцини, очекуваме во вториот квартал да имаме поголема имунизација и проекциите да останат на тоа годинава да имаме економски раст“, истакна Бесими.

Каматната стапка на осмата еврообврзница изнесува 1,625 проценти или за 1, 125 процентни поени помалку од еврообврзницата издадена во 2018. Токму таа обврзница, од сите досега издадени, беше со најниска каматна стапка.

„Намената на осмата обврзница е за враќање на стари долгови, односно на претходна еврообврзница со повисока каматна стапка и справување со последиците од корона кризата. Сумата на осмата еврообврзница е 700 милиони евра. Со средствата ќе се рефинансира еврообврзницата издадена во 2014 година и таа е со каматна стапка од 3,975 отсто. По основ на камата, за седумгодишен период ќе има заштеда околу 82, 25 милиони евра споредбено со претходното издавање еврообврзница“, објасни Бесими.

Тој посочи дека еврообврзницата е издадена во март бидејќи Министерството сметало оти тоа е најсоодветен период поради ниската каматна стапка.

„Во јули ни доспева враќањето на еврообврзницата од 500 милиони евра, па сакавме навремено да реагираме и ликвидноста на Буџетот да не биде доведена во прашање“, изјави министерот.

Вкупниот јавен долг заклучно со крајот на 2020 година е 6 милијарди 483,3 милиони евра.

„Кога зборуваме за јавни финансии значи дека тоа се средства на граѓаните.  Покрај задолжувањето од вчера со еврообврзницата, ќе имаме и задолжување со државни хартии од вредност од 300 милиони евра на домашниот пазар. Исто така ќе имаме и дополнително 80 милиони евра од ЕК, нешто што го најавив при мојата посета во Брисел, како и повлекување на заеми за имплементација на проекти околу 82 милиони евра. Имаме доволно ликвидност на банкарскиот сектор, па нема да имаме никаков проблем. Овие аргументи пред инвеститорите создадоа доверба дека тоа е остварливо“, додаде Бесими.

Одговарајќи на новинарско прашање кога доспеваат за плаќање претходните обврзници, тој кажа дека еврообврзницата  издадена во 2005 година доспеала за плаќање во 2015-та. Втората еврообврзница е издадена во 2009 година и доспеана е за плаќање во 2013-та. Третата е издадена во 2014 година, а доспева оваа година за плаќање. Еврообврзница издадена во 2015 со 270 милиони евра доспева во 2023 година, шестата еврообврзница идоспева во 2025 година. Седмата е издадена лани и доспева за плаќање 2026, а последната доспева 2028 година, истакна министерот.

Откако беше објавена информацијата за новото задолжување, опозицијата реагираше преку писмено соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека државата треба да се насочи кон развој, наместо како што велат, кон крпење на дупки.

Заев издаде еврообврзница од 700 милиони евра, за која треба да плати камати од 80 милиони, и на домашниот пазар се задолжи за 70 милиони, вкупно 850 милиони. Заев со ова задолжување се спасува од банкротот кој беше неминовен како резултат на лошите политики и неадекватното менаџирање на кризата, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека државата, според нив, е ставена на апарати.