Ивануша (СЗО): Епидемиолошката ситуација во Србија е влошена поради неспроведувањето на мерките и новите соеви на вирусот – ММС
ММС

Објавено на: 03/4/21 9:53 AM

Ивануша (СЗО): Епидемиолошката ситуација во Србија е влошена поради неспроведувањето на мерките и новите соеви на вирусот

Директорот на канцеларијата на СЗО во Србија,  Маријан Ивануша изјави дека епидемиолошката ситуација во земјата е влошена поради комбинацијата на неспроведување на епидемиолошките мерки и присуството на нови соеви на коронавирусот.

„Тоа зависи од однесувањето на луѓето. Знаеме кои се мерките: физичка дистанца, носење маска и хигиена на рацете. Ако некој е болен треба да биде изолиран и неговите контакти исто така треба да се во карантин“, истакна Ивануша во интервју за РТС.

Во Србија се регистрирани 4491 нов случај на зараза, а Ивануша оценува дека тој број наскоро би можел да достигне до 8000 и да го загрози здравствениот систем. Тој наведе дека е тешко да се пресмета колкав процент од граѓаните треба да се вакцинира за да може да се оствари колективен имунитет, па додаде дека е прерано да се зборува за тоа.

„Ако вирусот се пренесува полесно, тогаш треба да има што повеќе вакцинирани луѓе за да се оствари колективен имунитет“, укажа тој.

Ивануша наведе дека во Србија преку Ковакс механизмот првите вакцини во најдобар случај би дошле во март. Одговарајќи на прашање за ковид пасошите за чие воведување се зборува во Европската унија, тој укажа дека според СЗО, прерано е да се зборува за тоа, пред се’ поради недостигот на вакцини.

 

Извор: Danas.rs