Експлозија во близина на американската амбасада во Пекинг – ММС
ММС

Објавено на: 07/26/18 7:37 AM

Експлозија во близина на американската амбасада во Пекинг

Експлозија одекнала денеска во близина на американската амбасада во Пекинг. На социјалната мрежа Твитер во меѓувреме се објавуваат фотографии кои покажуваат голем чад и полициски возила во близина на амбасадата, што се наоѓа во североисточниот дел од Пекинг.

Радио Слободна Азија објави дека експлодирала рачнo направена експлозивна направа пред, засега неидентификуван маж, да успее да ја префрли преку оградата.

„Мирор“ пак,  пренесува дека во инцидентот има повредени, а оштетено е и едно полициско возило. Кинеската полиција претпладнево уапсила жена која се полила со бензин обидувајќи се да се  самоубие во близина на американската амбасада во  Пекинг, но засега  не е потврдена поврзаност меѓу приведената жена и експлозијата.

Како што пренесуваат медиумите, во близина на амбасадата има најмалку осум полициски возила, а областа каде се наоѓаат и амбасадите на амбасадите на Израел и Јужна Кореја е затворена за движење.

Иако се уште нема официјална информација дали експлозијата е поврзана со тероризам, американските амбасади често се цел на терористичко насилство, со десетици инциденти пријавени на американски дипломатски позиции низ светот во текот на изминатата деценија.

Најсмртоносните напади врз американските амбасади се случија на 7 август 1998 година, кога оперативци на Ал Каеда истовремено активираа автомобил-бомби пред американската Амбасада во главниот град на Кенија, Најроби и главниот град на Танзанија, Дар ес Салам. Во тие напади, организирани од Осама бин Ладен, загинаа 224 луѓе, од кои најголем дел (213) во експлозијата во Најроби.

Досега не се регистрирани какви било напади американските дипломатски претставништва во Кина.