Три децении велешани пијат чиста и здрава вода за пиење. Јубилејот се одбележа во фабриката за преработка на вода што е составен дел од системот за снабдување на градот. Системот започнува на браната на хидросистемот „Лисиче“, продолжува со цевковод долг 50 километри и завршува во фабриката за преработка на вода или филтерната станица во Велес. Во неа водата се обработува преку неколку технолошки процеси, се конторлира нејзината исправност и се дистрибуира во градската мрежа. Денешниот капацитет на фабриката изнесува 300 литри во секунда вода што велешани секојдневно ја имаат на располагање.
– Во изминатиот период, во овие 30 години вложивме доста големи средства пред се да се надогради оваа фабрика и тоа набавени се неколку компресори за производство на воздух во процес на озорирање на водата, изграден е ламар таложник дополнителен капацитет од 200 литри во секунда, комплетено е заменета постојката за завршно хлорирање, а набавен е и нов озонатор – рече директорот на ЈКП „Дервен“, Антонио Јовиќ.
Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, честитајќи им го јубилејот соопшти дека претпријатието е едно од најдобрите во Македонија и очекувањата се 40 милиони денари што ги има на располагање на жиро-сметка ЈКП „Дервен“ да ги насочи во инвестиции за обезбедување на уште поквалитетна и поздрава вода за пиење за граѓаните на општината Велес.
Исто така, тој упати апел до Управниот одбор и раководството на ова јавно претпријатие , да ги оспособи и стави во функција како алтернатива старите рени бунари на река Вардар за евентуална потреба од дополнително водоснабдување. .
Стефани Манева