Планирала да биде одделенски наставник, но борбата за егзистенција ја одвела во друг правец. Васка Мојсовка од неготинското село Тимјаник стана важна фигура во гласното зборување за проблемите на земјоделците во земјава и поборник за подобрување на нивната социоекономска положба, откако пред четири години застана на чело на Националната федерација на фармери. По 17 години од оформувањето, Федерацијата ја доби првата жена претседател, која на јавноста оттогаш и’ ги предочува предизвиците со кои се соочуваат руралните жени.
-Денот понекогаш ми почнува во 4 наутро на поле, потоа се пресоблекувам во деловна облека и околу пладне заминувам за Скопје на деловни состаноци, па пак се враќам назад во селото, каде што ме чека уште физичка работа – вели Васка во интервју за Македонски медиа сервис.
Во разговор за ММС ја раскажува својата животна приказна, зборува за вредноста на се’ она што е создадено од рацете на руралните жени, но и за тоа како пандемијата влијаела на нив.
-Јас сум порасната на село. Моите родители цел живот се занимаваат со земјоделство, бидејќи ги загубија работните места за време на транзицијата. Тогаш од еден општествен систем се преминуваше кон друг, па јас и брат ми заедно со родителите постојано бевме по ниви. Им помагавме на полето во работните активности, не ни беше тешко да работиме со брат ми, додека нашите родители земаа под наем лозови насади, садеа пипер, но и тутун за да обезбедат егзистенција – се сеќава Васка на детските денови.
Сакајќи да биде одделенски наставник се запишала на факултет, но додека студирала и се омажила. Како невработена студентка и млада семејна жена, таа одлучила да почне да заработува од она што најдобро го знае и умее – производството на храна.
-Со сопругот добивме во наследство земјиште од еден ипол хектар од неговите родители и така решивме да работиме лозарство. Тоа ни беше малку за опстанок и сфативме дека ако работиш земјоделство мора да работиш на повеќе површиини за да егзистираш – вели Васка.
Немајќи доволно финансиски средства за земјиште, младата жена и нејзиниот сопруг Гоце одлучиле да го продадат автомобилот. Набргу продале и еден камион кој го поседувале, за да купат ниви.
-На наши 23 години станавме домаќини. Ни се родија две деца – ќерка и син, па и тие го имаа истото детство како нас и ја научија работата, додава Васка, која успеала да ги убеди најблиските да го заложат својот имот за да може да земе кредит.
„Имав поволен кредит од една банка и така зедов двојна површина на лозов насад. Тоа ми беше отскочна даска за да инвестираме повеќе. Имав среќа да се омажам во семејство кое рамноправно гледа на жените, тоа е реткост во селата. Самиот сопруг ми препиша земја на мое име, ние во самото наше семејство не гледаме машка/женска работа која треба да се заврши.Така ги учиме и нашите деца, дека тоа е патот кон успехот. Помагање, разбирање и надоградување“, посочува нашата соговорничка.
Во меѓувреме успеала да ги заврши и студиите, но како што растеле работните обврски во земјоделието, никогаш не се јавила потреба да бара работа во образовниот сектор. За да напредуваат уште повеќе, Васка и сопругот почнале да одат на обуки, семинари и разноразни работилници. Тоа си имало своја цена, па додека се едуцирале, децата биле чувани од своите баби.
„Секако дека беше тешко, но се работеше за борба за живот“, се сеќава Мојсовска.На една од обуките во Србија таа и Гоце научиле како се калемат овошни садници па почнале да работат уште повеќе. Вели дека овие 24 години во брак, нема година во која не насадиле лозов насад.
„Секој денар го штедевме, немавме финансии да купиме лозови садници, моравме да се научиме сами да ги произведуваме. Тоа не’ однесе чекор напред па основавме и семејна фирма. Денес произведуваме лозов саден материјал, трпезно и винско грозје, но и овошни насади“, раскажува Васка.
Нивната семејна фирма основана со многу труд и пот, денес има шеснаесетина вработени. Имаат сопствен ладилник и обработуваат 70 хектари земја, а годишно калемат 500 000 насади. Паралелно со работата на нива и од канцеларија, таа имала активности и во Националната федерација на фармери, чии членови пред четири години одлучиле дека таа треба да застане на чело на ваквото здружение. Така, по 17 години од формирањето, Федерацијата ја добива првата жена претседател, која ова го користи во полза на борбата за поголема родова еднаквост.
„Тоа го укажуваме и пренесуваме на нашите членки кои се низ селата. Формиравме фокус групи во разни краишта на Македонија и укажуваме на борба за социоекономскиот статус. Жената со закон има право на имот, но таа го прифаќа како нормално мислењето дека тоа е право само на машките. Нашиот активизам е со цел тоа да се промени и пред се’ ние како мајки тоа може да го промениме кај нашите деца, потоа таквото мислење да помине генерациски, да се искорени за да се успее во ваквата идеја“, истакнува Васка.
Таа се сеќава дека кога застанала на чело на Федерацијата, и покрај поддршката, имало некои кои негодувале и со недоверба гледале на тоа дека една жена ќе може да се избори за „подобро утре“ за земјоделците.
„Со нашето лобирање решаваме проблеми и тоа чувство не се опишува. Знам какви маки претрпуваат земјоделците, доаѓаат до затворени врати. Токму тоа е мојата цел, мојата визија е со мојата функција да придонесам да се истакнат проблемите. Мојот личен живот се сведе на ова од утро до вечер, секогаш со сопругот зборуваме дека повеќе време имав порано. Кажувам дека се извинувам бидејќи немам време поради моите работни ангажмани. Гледам да постигнам сегде, сакам да работам без заобиколување, без откажување. Секој ден ни е различен и исполнет. Колку вреди времето ќе покаже. Сега мислам дека така треба“, споделува таа за ММС.
Ја прашавме и која е нејзината генерална слика за руралните жени во земјава, на што нескромно одговара дека тие се вредни и полни со знаења, но не секогаш наидуваат на доволно поддршка за макотрпната работа.
-Нашите жени се многу вредни, се’ може да работат. Во Тимјаник жените произведуваат маџун, кој е многу лековит и баран. Во Ресен жените произведуваат лековити билки, потоа прекрасни јуфки се прават во Кочани, имаме органско слатко од смокви во селото Фурка. Жените што и да работат го работат со љубов, со труд, но треба некој да ги поддржи, да им даде стимул. На ниедна жена не и’ е тешко да работи, но треба да и’ се исплати – смета Мојсовска.
Според неа, на земјоделската работа се гледа со потценување, бидејќи потта на земјоделецот оди во рацете на трговците.
„Така е со години и многу млади луѓе не сакат да се занимаваат со земјоделство, поради лошиот пласман на земјоделските производи. Тоа е долгогодишен проблем особено изразен во овие 10 години, претходно зборувавме дека се заработуваше од земјоделие, но сега веќе само опстануваме. Вложуваме многу труд, финансии за набавка на механизација и други машини потребни за обработка на земја. Мораме да ја обработуваме земјата. Се надеваме на подобри времиња и се надеваме дека земјоделецот ќе почне да се вреднува бидејќи го заслужува тоа. Земјоделците се благородни личности, а храната значи живот, па оттука таквата работа е благословена. Сите треба да обрнеме повеќе внимание на овој сектор, бидејќи така сами на себе си помагаме“, истакнува Васка потсетувајќи дека Федерацијата почна кампања „Купувајте домашни земјоделски производи“, бидејќи со купување на она што е македонско, му се помага на домашниот земјоделец.
Со оглед на тоа дека пандемијата со ковид-19 се’ уште е актуелна, неминовно беше да ја прашаме како корона-кризата се одрази во руралните средини, особено врз жените. Според нашата соговорничка, влијанието е големо бидејќи на стандардните обврски им се наталожиле нови.
„Коронавирусот ја зголеми работата на жените од руралните средини. Децата останаа дома и со тоа се зголемија обврските, пралелно останаа обврските на поле, на фарма, обврските за грижа за постарите родители. Уште на почетокот на пандемијата имаше недостатоци бидејќи нема здравствени установи во селата, па слаб е пристапот до услуги, до информираност. Пандемијата ја отежна работата на руралната жена и се надевам дека што побргу ќе заврши“, вели Васка.
Таа е оптимист за подобри времиња во кои ќе се вреднува руралната жена, која таа ја оценува како столб на секое земјоделско семејство.
Руралната жена не сака да се експонира, се грижи за домот и нема време за себе, нема каде да излезе, да го развие културниот и социјалниот живот, нема каде да се надогради, имаме за жал се’ уште такви места каде овие жени се дискриминирани – заклучува Васка, која во пресрет на Меѓународниот ден на жената јавно ќе настапи за да потсети на родовите стереотипи со кои и самата се соочува, но вели дека одговара со насмевка.
„Немам време за малограѓански дискусии, а секако дека нив ги има, бидејќи општеството ни е такво, менталитетот ни е таков и ќе си постојат. Понекогаш и во лице ми кажуваат такви работи, но сметам дека насмевката е најдобра одбрана“, завршува Васка.
Вања Мицевска