Тутунарите веруваат дека реколтата ќе биде откупена, министерот Хоџа очекува законските измени да се донесат оваа или идната недела – ММС
ММС

Објавено на: 03/3/21 12:43 PM

Тутунарите веруваат дека реколтата ќе биде откупена, министерот Хоџа очекува законските измени да се донесат оваа или идната недела

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа очекува измените на Законот за тутун со кои рокот за откуп се пролонгира до 31 март, да бидат донесени оваа или најдоцна идната недела.

Според него, одговорот на прашањето зошто измените до сега не се донесени, треба да се бара во Собранието.

Во меѓу време, откупот на тутунот не се одвива. Се чека, велат тутунарите, пратениците да ги донесат законските измени за откупот да продолжи.

-Барањето за измена на Законот за тутун со цел пролонгирање на рокот е направено истиот ден откако имавме средба со производителите и откупувачите. Зошто не е донесен, треба да се праша во Собранието. Колку што сум информиран, на дневен ред е првото читање. Верувам дека многу брзо, до крајот на оваа недела или следната, ќе има измена и ќе продолжи рокот за откуп. Реално, барањето одговорност во време на КОВИД и протести, не е соодветно. Затоа се чувствувам одговорен во решавањето на проблемот, а не за настантиуте проблеми кои не се во моја надлежност, истакна Хоџа.

Тутунарите велат дека за откуп се останати околу 1,8 милиони килограми тутун, вклучително и количините кои не се опфатени со дооворите.

-Откупните компании се уште имаат договорен, а неоткупен тутун. Се работи за приближно 500 – 600 тони. Веруваме дека Собранието во најскоро време ќе ги усвои измените и дека сепак, реколтата ќе биде откупена во целост, заедно со вишоците, изјави за МИА претседателот на Сојузот на тутунските здруженија, Менде Стомнароски.

На денешната пленарна собраниска седница  се два предлог-закона за измени на Законот за тутун. Со едниот, поднесен од група пратеници од владејачката коалиција, се бара пролонгирање на рокот за откуп до 31 март, а со другиот, поднесен од група пратеници од опозицијата, се бара, како што е наведено, да се надминат проблемите со редовниот организиран откуп, обезбедување правна сигурност при откупот на тутунот и допрецизирање на третманот на неферментираниот тутун.