Македонија и натаму е во групата на делумно слободни земји иако бележи пораст од три поени во однос на 2019 година, се вели во најновиот Извештај на организацијата Freedom House, „Слободата во светот 2021“ кој беше објавен денеска.
Северна Македонија доби 66 поени од можните 100, односно 27 од можн и 40 за политичките права и 39 од можни 60 за граѓанските слободи.
“Северна Македонија е парламентарна република. Левоориентираната влада ги смири тензиите после парламентарната криза во 2017 годона кои ја парализираа политичката активност. Северна Македонија продолжува да се бори со корупција и додека медиумите и граѓанското општество во енергичниот јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисок и заплашување“, се вели во извештајот за 2020 за нашата земја.
Според извештајот, за парламентарните избори во јули 2020 сме добиле оценка 3 од можни 4, а зголемувањето од претходната “двојка“ се должи на мирниот изборен процес и формирање на владата која беше избрана кон крајот на август.
“Северна Македонија има длабоко политички поларизирани медиуми и приватните медиуми често се поврзуваат со бизнис интереси кои влијаат на нивните содржини. Но, голем број критички и независни медиуми работат онлајн. Новинарите и натаму се предмет на политички притисок и вознемирување, а физичките напади продолжуваат да се пријавуваат“.
Извештајот вели дека академската слобода е ценета, но корупцијата во универзитетите е значајна. Останува загриженоста за ефикасноста и независноста на судството.
“ЕУ ги истакна реформите во судството како клучен приоритет за кандидатурата за пристап. Во 2018 година, владата усвои голем број реформи насочени кон зајакнување на независноста на судството, вклучително и зајакнување на механизмите за решавање на лошото однесување од страна на судиите. Сепак, не се спроведени сите реформи во судството, ветени од владата“, пишува понатаму во Извештајот.
Во иста група со Македонија како земји со делумна слобода се Ерменија, БиХ, Грузија, Унгарија, Косово, Црна Гора, Србија, Молдавија и Украина, а од регионот како слободни земји се регистирани Бугарија, Хрватска и Романија.
Извештајот на Фридом хаус претставува годишна проценка за политичките права и граѓанските слободи и истиот откри дека помалку од една петина од луѓето живеат во целосно слободни земји.
Извештајот бележи пад на глобалната слобода 15-та година по ред.