Фондот за население на ОН (УНФПА) и Државниот завод за статистика (ДЗС) во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање што предвидува јакнење на националните капацитети за собирање на податоци за населението, анализа, дисеминација и користење во развојните политики, соопшти денеска ДЗС.
Во текот на следните три години, УНФПА ќе обезбеди техничка помош за унапредување на статистиките на населението, вклучувајки го и пописот, се наведува во соопштението од организацијата.
Досегашната соработка, како што се додава, продолжува во насока на поддршка за зголемување на свесноста и знаењето на населението за важноста на официјалната статистика, како и континуиран дијалог со невладиниот сектор во однос на потребите за податоци за населението.
Генералната цел на Меморандумот за разбирање е да се обезбеди мониторинг на напредокот во спроведување на националните политики и стратегии поврзани со социјалната инклузија и репродуктивното здравје на адолесцентите, жените и мажите во државата, како и други национални и меѓународни обврски што се во согласност со Партнерството за одржлив развој на ОН за периодот 2016 – 2020 што го потпишаа Владата и тимот на ОН во државата.
Извор:МИА