Додека се проширува патот Штип-Радовиш сообраќајот и покрај негодувањето на штипјани сепак ќе се одвива низ градот – ММС
ММС

Објавено на: 03/2/21 3:08 PM

Додека се проширува патот Штип-Радовиш сообраќајот и покрај негодувањето на штипјани сепак ќе се одвива низ градот

Додека се проширува делницата од штипската приградска населба Три Чешми до мостот на реката Брегалница, односно делот од регионалниот пат Штип – Радовиш, сообраќајот и покрај негодувањето на штипјани сепак ќе се одвива низ градот.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека се трудат што помалку да се користат патиштата во населените места, но во фаза на градење мора да се искористат сите можни ресурси за да се заврши градењето.

– Ние им се извинуваме на граѓаните, но во моментот кога се гради, целокупната машинерија која работи на изградбата мора да се движи по некој пат. Затоа ние сме во секојдневна комуникација со надзорот, нашиот инженер и со изведувачот, за што помалку да се користат патиштата во населените места, но за жал некаде мора да се користат, рече Рустеми.

Во текот на минатиот месец Општина Штип по негодување на граѓаните и бизнис секторот, кои покренаа петиција,  достави барање до Агенцијата за државни патишта за време на проширувањето на делницата, да не се транзитира низ улиците низ Штип туку да се најде друга алтернатива.

На почетокот на минатиот месец градоначалникот Николов рече дека пренасочениот сообраќај низ градот ќе создаде сообраќаен метеж, а дополнително би можело да настане проблем бидејќи низ истите улици се транспортираат и пациентите со возила на Итната помош, од целиот источен регион. Посочи дека е во интензивна комуникација со министерот за транспорт и врски, ЈП за државни патишта и со сообраќајната полиција и се надева на поскоро решение.