Бруто-домашниот производ за четвртото тримесечје од 2020 година изнесува минус 0,7 отсто, а за целата 2020 година минус 4,5 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Според објавените податоци, раст лани е забележан кај групата земјоделство, шумарство и рибарство за 1,7 отсто, раст од 2,8 отсто имало кај секторот информации и комуникации, еден отсто кај дејности поврзани со недвижен имот и 0,4 отсто раст кај дејностите уметност, забава и рекреација други услужни дејности, дејности на домаќинствата како работодавачи, дејности на домаќинствата кои произведуваат
разновидна стока и вршат различни услуги. Во другите дејности е забележан пад кој е најголем кај преработувачката индустрија од 10,6 отсто.
Во четвртото тримесечје од 2020 година, пораст е забележан во секторите дејности во врска со недвижен имот од 2 отсто и финансиски дејности и дејности на осигурување од 1 отсто.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во четвртото тримесечје од 2020 година номинално опаѓа за 1,6 отсто, а нејзиното учество во структурата на брутодомашниот производ изнесува 62,4 отсто.
Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 4,5 отсто, а увозот на стоки и на услуги забележа намалување во номинален износ од 5,7 отсто.
Бруто домашниот производ во првиот квартал лани имаше стапка на раст од 0,9 отсто, потоа во вториот минус 14,9 отсто и во третиот од минус 3,3, отсто.
МИА