Непријатната миризба која што се ширела низ улицата ,,Вита Поп Јорданова“ а доаѓала од провалијата во непосредна близина на куќите, ја заврши потрагата по исчезнатиот штипјанец педесет и осум годишниот Зоранчо Шуманов, на кој што од 12 февруари му се губи секаква трага.
Телото преку прозорецот го забележала жителка од улицата која што пријавила во Полиција. Веднаш на лице место пристигнале екипи од штипската Полиција и Обвинителството а поради непристапноста на теренот и екипа од ТППЕ.
„ На први март во 15.20 минути во СВР Штип било пријавено дека во близина на куќа на улицата „Вита Поп Јорданова“ во Штип, бил пронајден починат 58 годишниот З.Ш. кој од страна на неговата фамилија на 13 февруари бил пријавен дека на 12 февруари околу 9 часот се оддалечил од семејниот дом“, информира портпаролката на СВР Штип, Гордана Панајотова.
Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Штип и Јавното обвинителство.
Телото е предадено на обдукција. Од обвинителството информираат дека обдукцијата треба да ја утврди причината за смртта, со оглед дека станува збор за пад во провалија.
Додека траеше потрагата и според информациите добиени преку социјалните мрежи 58 годишниот Шуманов последен пат бил виден во месноста Суитлак поточно Орта Колиба околу 12 часот , на 12 февруари, истиот ден кога е исчезнат. Полицијата тогаш направи претражување во тој реон но тој не беше пронајден.