Буџетот е во рамките на проекциите и во однос на финансирањето сите обврски се одвиваат согласно планираното, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната средба во Стопанската комора на Македонија.
Се очекува приходите во февруари да бидат подобри од лани. Веќе има еден добар тренд на реализација на приходите. Очекуваме економската активност да се врати во нормала, а годината да ја завршиме со позитивна стапка на раст од 4,1 отсто – додаде министерот.
Прашан дали се прават некакви калкулации за издавање еврообврзница, тој одговори потврдно, додавајќи дека тоа се прави постојано.
„Дури и во самиот Буџет е напишано колку од буџетските расходи, односно дефицитот ќе се покрие со домашно и странско задолжување. Имаме обврски што доспеваат оваа година и кои треба да се обноват, а има и ново задолжување“, изјави министерот за финансии.
Според него, Буџетот е во стабилна кондиција и во изминатата година, во услови на пандемија, ликвидноста не била доведена во прашање.
Зголемена е ликвидноста во економијата благодарение на мерките и така ќе продолжиме. Ние гледаме да имаме економски раст, ќе одиме со предлог-мерки за подобрување и закрепнување на нашата економија.
„На финансиските пазари секој ден има промени, кога ќе има еврообврзница јавноста ќе знае. Секој настан влијае на финансиските пазари. Економијата ја држиме во добра кондиција и даваме перспектива после пандемијата да имаме забрзан економски раст“, оптимист е Бесими.