Експресниот пат Штип-Кочани се очекува да биде готов до крајот на годинава, со завршување на делницата Крупиште – Кочани со должина од 13,75 километри. Вкупната должина на експресниот пат е 28 километри, а дел од него, делницата Штип – Крупиште веќе е пуштена во употреба.
За министерот за транспорт Бочварски, кој денеска заедно со директорот на ЈП за државни патишта изврши увид во активностите за изградба, овој експресен пат освен што ќе биде брза патна врска меѓу централниот и источниот дел од државата, ќе отвори можност за влез на нови странски и домашни инвеститори.
– Со неговата изградба го подобруваме животниот стандард на преку 170 илјади граѓани од целиот источен плански регион, создаваме поволни услови за развој и за регионално поврзување. Изградбата на експресниот пат од Штип до Кочани нуди модерно решение, што верувам дека ќе придонесе за зголемување на безбедноста во сообраќајот во споредба со сегашната патна врска каде што за жал ни се случуваат многу сообраќајни незгоди, рече Бочварски.
Овој нов патен правец започнува кај месноста Три чешми во Штип и се надоврзува на веќе завршениот автопат Миладиновци – Свети Николе – Штип.
Директорот Ејуп Рустеми вели дека идната максимална брзина на движење на експресниот пат ќе биде 110 километри на час, а патот ќе има четири ленти, по две коловозни и две ленти за застанување.
– Моменталниот статус со кој не запознаа изведувачот и надзорот е работа на армирано бетонски објекти ( мостови и надпатници), обезбедување на метеријал за коловозна конструкција и други земјени работи. Се наоѓаме на местото каде што се гради мост на Злетовска река и тој е еден од четирите предвидени мостови. Предвидени се уште и изградба на две клучки, два потпатника и три натпатника, рече Рустеми.
Планираната вредност на проектот е околу 40 милиони евра, а изведувач на градежните работи е „Синохидро“ од Р.Кина, а надзор врши „Патинвест инженеринг“ АД Софија.