Учителот Ангел на 86 години издаде книга со 1.000 архаизми што ги нема во тритомниот речник – ММС
ММС

Објавено на: 07/26/18 7:24 AM

Учителот Ангел на 86 години издаде книга со 1.000 архаизми што ги нема во тритомниот речник

  ММС, 26.07.2018

 

Ангел Богатиновски, еден од првите учители по ослободувањето, архаизмите од виничко-кочанскиот крај ги собира уште од пред 65 години, кога сам учел 140 деца во осоговското село Пресека, активно пишува и денес и се надева дека ќе има уште книги, а поради љубовта кон македонскиот јазик, книгата и пишувањето, тој е почесен член на виничката библиотека со членска книшка број еден

Пишува: Љупчо Шатевски

Околу илјада архаизми кои грижливо и педантно ги собирал цели 65 години се најдоа во првата книга на пензионираниот наставник по македонски јазик Ангел Богатиновски што ја подготви на 86-годишна возраст, издавач е виничката локална самоуправа, а беше промовирана деновиве во рамките на петровденските празнувања во Виница, град во кој живее Богатиновски.

Aрхаизмите сведочат и за нашето постоење низ вековите

– Првиот архаизам го запишав уште во 1953 година во осоговското село Пресека, каде што бев учител. Еден чичко Мише ми рече: „Ова ќе биде јагдрна година“. Тоа јагдрна значело плодна Од тогаш досега запишав околу 1.000 архаизми што ги нема во тритомниот македонски речник. Пред десетина години повеќе од 200 од нив испратив во Институтот за македонски јазик во Скопје, а сега таму ќе доставам и примероци од книгата со сите собрани архаизми од виничко-кочанскиот крај. Старомакедонските архаизми се големо лексичко богатство и на нив не смееме да заборавиме. Треба да ги запишеме, сочуваме, затоа што тие сведочат и за нашето постоење низ вековите – вели Ангел Богатиновски.

Од промоцијата на книгата во Домот на културата во Виница

Книгата, која на некој начин е како идеотикон – речник на едно подрачје, во случајот на кочанско-виничкото, го носи насловот „Архаизми од виничко-оризарскиот регион“. Оризари, најголемата рурална населба во брегалничкиот регион, сместена меѓу Кочани и Виница, е родното место на Богатиновски, како и на неговата сопруга Дафина, со која лани одбележале 60 години брак. Таму го завршил основното образование – прво учел на српски, па на бугарски, а по ослободувањето и на мајчиниот македонски јазик, на кој целосно му е посветен до денес.

Станал учител на 18 години

Бил меѓу првите учители во Македонија со завршено средно образование на македонски јазик. А Македонија тогаш имала насушна потреба од учители зашто ослободувањето во 1944 година го дочекала со дури 75 отсто неписмено население и со само 150 луѓе со високо образование. Со неполни 18 години, откако ја завршил Учителската школа во Штип, во 1950 станал учител во кочанското село од разбиен тип Пресека, распрскано со километри на Осоговските Планини, кое тогаш имало 1.000 жители, а сега се само неколку десетици. Самиот учел толку ученици колку што сега има во некои помали градови.
– Беа 140 деца. Прво и трето одделение ги учев во прва, а второ и четврто во втора смена. Бев многу млад. Селаните ме дочекаа сомничаво. „Дете дошло да ни’ ги учи децата“, велеа. Но, брзо стекнаа доверба во мене. Децата доаѓаа најредовно на училиште, и покрај тоа што повеќето мораа да пешачат со километри низ планината, често по дожд, снег, студ и во опасност од диви животни во планината. Јас по шест дена во седмицата бев во Пресека, а во неделите си одев во Оризари. Пеш ги минував тие петнаесетина километри. Со селаните го реновиравме и малиот училиштен објект во Пресека, чиј покрив беше пред паѓање. Подоцна објектот почна и да се проширува, со што учениците имаа подобри услови за настава, а кога во 1952 година заминав во војска, во селото ме заменија двајца учители – се присетува Богатиновски.                                                                                           Ентузијастичките учителски денови му продолжиле со пеколен воен рок во Словенија, кога се’ уште била актуелна кризата со Трст.
– Таа криза траеше до 1954 година и беше една од причините за почетокот на Студената војна. Ние бевме во близина на југословенско-италијанската граница, околу која од двете страни вриеше од војска, оружје и тенкови. Одекнуваше: „Животот го даваме, Трст не го даваме“ – раскажува за тие денови учителот Ангел, кого нема човек што не го познава во десетилјадната Виница.
По завршувањето на воениот рок, пак се враќа на работа во Пресека, а потоа во 1954 година бил префрлен во Виница, во тогаш единственото основно училиште во градот „Славчо Стојменски“, каде што останува до своето пензионирање. Завршил и Педагошка академија, група за македонски јазик. Учествувал во формирањето литературен клуб во Виница, бил претседател на културно-уметничкото друштво во градот… За придонесот во образованието добил плакета од Сојузното собрание на СФРЈ. Деновиве, на промоцијата на неговата прва книга, од градоначалникот на Виница доби благодарница за особени заслуги во областа на образованието и културата.                       Поезија и проза Богатиновски пишува и денес, а, освен архаизми, собирал и запишувал и легенди, шеги, афоризми, па се надева дека неодамна објавеата книга нема да му биде прва и последна, оти ќе има и нови.

Учителот Ангел со младите вљубеници во книгата во виничката библиотека, чиј почесен член е

ПОЧЕСЕН ЧЛЕН НА ВИНИЧКАТА БИБЛИОТЕКА СО ЧЛЕНСКА КНИШКА БРОЈ 001

Поради посветеноста кон македонскиот јазик, книгата и пишувањето, учителот Ангел Богатиновски е почесен член на виничката библиотека со членска книшка број еден.
– Горд сум на тоа. Книгата и македонскиот јазик се моја голема љубов. Среќен сум што и од Библиотеката редовно ме покануваат на литературни читања, средби, на Денот на поезијата, кога сум со младите, на кои им ги предавам моите искуства, но и од нив уште црпам енергија за творење – вели Богатиновски.