Повеќе од 2.500 кандидати за полагање возачки испит од Кавадарци, Неготино и Велес веќе шест месеци се соочуваат со проблем да дојдат до возачка дозвола. Во овој период не работи испитниот центар, бидејќи на средина на август, минатата година, остана без лиценца, која важела 10 години и е истечена, но поради законски промени, сега лиценците се со важност од 5 години. Лути на овој хаос се кандидатите, нивните родители, но и авто школите кои се соочуваат со намалена работа.
„Со завршувањето со работа на испитниот центар останаа голем број на кандидати кои не го завршија комплетно полагањето, а и во овие шест месеци завршија со обука исто така голем број на кандидати, но не можат да полагаат возачки испит, бидејќи сѐ уште не е избрана фирмата, односно испитниот центар. Затечени се три градови: Велес, Кавадарци и Неготино, со општините кои гравитираат околу нив, Росоман, Градско и Демир Капија“ објаснуваат затекнатите.
Нашите соговорници објаснуваат дека испитниот центар додека не добие лиценца и додека нема полагање во местото каде кандидатот треба да полага, според местото на живеење, наведено во личната карта, кандидатот може да полага во било кој друг испитен центар во Македонија. Но, велат, тоа секако не е решение и би довело до огромни дополнителни трошоци. Намален е и бројот на нови кандидати во авто школите, од причина дека нема полагање, а со тоа е загрозен и нивниот опстанок.
„ Истекува важноста на лекарските уверенија, на огромен број од затекнатите кандидати му зависи и работата од возачката дозвола или категорија, има големи реакции од родители кои добро не го разбираат проблемот и мислат дека се изманипулирани од авто школите“, велат нашите соговорници.
Пред околу два месеци бил објавен конкурс за избор на нов испитен центар, кој треба да добие лиценца за работа. На конкурсот се пријавиле две фирми. Пред повеќе од еден месец била извршена контрола во нив, но иако е поминат рокот за избор на нов лиценциран испитен центар, сеуште нема ништо конкретно.
Ангел Данов