Русија го обвини Твитер дека намерно ги прекршува руските закони – ММС
ММС

Објавено на: 03/1/21 8:36 PM

Русија го обвини Твитер дека намерно ги прекршува руските закони

Федералната служба за надзор во сферата на комуникациите, информатичката технологија и масовните медиуми на Русија (Роскомнадзор) го обвини Твитер дека намерно ги прекршува руските закони, пренесува Анадолија (АА).

Во соопштението на Роскомнадзор се вели дека од 2017 година досега до Твитер се доставени 28.000 барања за отстранување содржини што охрабруваат самоубиство, непристојност и наркотици.

Во соопштението се нагласува дека и покрај овие барања, околу 3.000 илегални содржини не се отстранети од страна на Твитер.

„Твитер намерно ги прекршува руските закони“, се додава во соопштението.

Според руските закони, можно е Твитер да добие парична казна од 800.000 до 8.000.000 рубљи со образложение дека не ги избришал забранетите содржини.