Секогаш наоѓам време да ја испочитувам сопругата, не само за празник – Со Кире Лазаров за жените и значењето на „8 Март“ – ММС
ММС

Објавено на: 03/1/21 8:04 PM

Секогаш наоѓам време да ја испочитувам сопругата, не само за празник – Со Кире Лазаров за жените и значењето на „8 Март“

„ 8 Март“  ме асоцира на мајка, на сопруга, на жена, на која целиот свет треба да и се заблагодари и да ја испочитува со внимание. Внимание,  кое многу повеќе жените го заслужуваат, вели нашиот најдобар ракометар и актуелен селектор на ракометната репрезентација, Кире Лазаров . Во пресрет на Денот на жената со Лазаров поразговараме за жените во неговиот живот, почнувајќи од првата жена -мама Милка, па потоа учителките, и секако на крај сопругата Љубица со која се заедно уште како тинејџери, уште од 1997 година, а веќе 15 години живеат во среќен брак во кој ги имаат две дечиња Благојче и Лана.   Лазаров, кој е и миленик на понежниот пол, зборува и за жените во неговата професија, особено сега кога е на чело на ракометмната репрезентација, па вели: „ Во иднина планирам да вклучам уште жени во стручниот штаб…“. Но, со еден маж да се зборува за значењето на „8 Март“ треба да се почне од детството и за ММС тој раскажа за мама Милка, за учителката и секако неговата сопруга Љубица, за подароците и за духот во кој ги воспитува неговите деца, за вистинското значење на зборовите баба и мама.

Кога прв пат почна да го почитуваш „8 Март“? Со купување подарок или цртање детски цртеж за мајка ти, па потоа и подарок за учителката?  Дали си правел честитка за мајка ти, дали сте собирале пари за цвеќе на учителката…? Има ли некој детски гест или подарок на кој се смееш или си горд и денес?

                                                                       Кире со мама Милка

-Колку што ме држи сеќавањето, а имам добра меморија, мислам дека како деца во основно, па дури и од забавиште, од предшколска возраст, многу важно ни беше да подариме нешто на нашите учителки, мислејќи дека ако подариме ќе имаме поголеми шанси да добиеме добра оценка и обратно ако не дадеме подарок ќе добиеме послаба оценка. На мајка ми секогаш сум преферирал тоа да биде подарок на кој што ќе се сеќава, кој што ќе остане да го има за цел живот и секој ден ќе се присетува. А на учителките, покрај цвеќе сум знаел да ги испочитувам, да подарам уште нешто за после, меѓу нас децата, да се пофалам, дека ете гледате јас и купив два подарока на учителката… Детски работи, но во тоа време беше многу важно да ја испочитуваш учителката.

Подоцна кога порасна дали „8 Март“ си го поврзувал со задолжително купување подарок на девојка, подоцна и на сопругата Љубица?

-Со сопругата сме заедно многу одамна, од ’97 година. Мислам дека ја немам оставено без подарок ниту еден „8 Март“. Иако првично, кога бевме  помлади и сеуште не бевме во брак, дури и знаеше да ми се спротивстави, дека не сака подароци за „8ми Март“, бидејќи сеуште бевме тинејџери и не се чувствувала сеуште возрасна за да го слави празникот. Јас без разлика на тоа спротивставување, како машко секогаш бев на висина на задачата. Зошто? Затоа што знаете како е со жените, имаат повеќе од добра меморија…

Дали на жената треба да и се даваат подароци само за „8 Март“ или жената се почитува цела година?

-Јас лично повеќе пати во годината би ги испочитувал жените затоа што тоа и го заслужуваат тоа. И тоа онака, без некој повод, без некој ред туку самото чувство на интуиција, кога ќе ми дојде, кога ќе посакам. Без повод секогаш одвојувам време и средства  да ја испочитувам Љубица на различни начини…

Што мислиш, дали значењето на „8 Март“ треба да се само подароците и вечерите по рестораните или овој ден има сосема друго значење?

                                                 Мама Милка со синовите Кире и Филип 

-Видете, треба добро да ја познавате својата мајка или сопруга или било која друга припадничка на женскиот свет што сакате да ја испочитувате. Сите ние сме различни и сакаме различни работи. Јас се обидувам да се прилагодам на моменталната ситуација и она што ќе го направам сакам  да биде природно и од срце. Кога нешто ќе подариш треба да почувствуваш дека и другата страна го има истото чувство… Доколку подаруваш нешто и очекуваш за тоа некој да ти врати нешто, на друг начин, тогаш не подарувај.

Дали мислиш дека жените доволно се избориле за своите права во општеството?

-Животот е константна борба. Затоа сакам да им порачам на сите жени- за нешто што сте се избориле доколку престанете да се борите ќе избледе. Борбата е секојдневна, кој го сфати ова ќе успее. Успехот се должи на многу борба во текот на целиот живот. Најхрабрите, најупорните и најпосветените успеваат. Не признавам неуспех, колку и некој да ми објаснува дека е опструиран на различни начини. Така да борба и само борба за поквалитетна иднина.

Дали треба да постојат поделби на машки и женски работи и дали жените добро се снашле во овој машки свет?

-Да, мислам дека постојат машки и женски работи, особено кај нас. Јас живеам и работам во Европа скоро 20 години  и мислам дека во Европа е малку поинаку, но не и доволно… Инаку дали жените се снашле во овој „машки свет“ ? Хрватите викаат „дапаче“,  што во превод значи „и тоа како“…

Во твојата кариера секогаш си имал машки тренер и машки селектор, па како дојде на идеја во тимот  да ја повикаш Билјана Црвенковска и мислиш ли дека ракометарите би ја слушале така како што би те слушале тебе, само затоа што е жена?

-Преферирам да бидам различен од другите, но и автентичен. Билјана работеше кај мене во клуб и ми остави многу позитивен впечаток. Воедно има стекнато и големо искуство, работејќи во Вардар, со машки селекции. Планирам да вклучам уште жени во стручниот штаб во иднина… Мислам дека ова ќе биде една од повеќето позитивни промени во машката репрезентација…

 Што ги советуваш Благојче и Лана,  кога станува збор за почитување на жената, сестра, девојка, баба, и мајка, која  е една и единствена…?   

-Мислам дека јас и мојата сопруга добро ги воспитуваме нашите деца. Ги насочуваме во квалитетни насоки кога тоа е потребно. Децата се многу менливи и треба да се биде претпазлив и да се спие, што би рекле повозрасните, со отворени очи. Моите родители ме имаат воспитано многу добро, со многу дисциплина. Дисциплината се стекнува уште од најмали години и тоа  фактички ти е базата на животот. Така и ние се трудиме да биде со нашите деца, особено кога се работи за почитување на мајка, баба, жена, сестра, девојка…

Весна Миленковска