Македонија треба да му исплати 6500 евра за неправедно судење на лустрираниот Костурски, одлучи судот во Стразбур – ММС
ММС

Објавено на: 07/26/18 6:22 AM

Македонија треба да му исплати 6500 евра за неправедно судење на лустрираниот Костурски, одлучи судот во Стразбур

Битолчанецот Никола Костурски треба да добие 6500 евра оштета од Македонија, затоа што не му била дадена можност да има фер судење, пресуди Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а Владата на Македонија даде согласност за исплата. Лекарот специјалист, а долги години и претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија беше лустриран во 2013 година. Според него процесот на лустрација против него бил мотивиран.

– Во 2013 година Светскиот Македонски Конгрес побара од општина Битола да се укине традиционалната Средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и да се прославува на друга, заедничка „Иселеничка среба“ во Трново. Бидејќи се спротивставив на таквото барање, истата година, во месец ноември бев лустриран. Од 2014 година наваму нема средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, изјави Никола Костурски.

Но, Костурски се уште формално-правно останува лустриран.

– Бидејќи судот во Стразбур не се впушта во материјални расправа дали сум во право или не, тие ги гледаат фактите и постапките и процедурата. Инаку формално правно јас сѐ уште се водам како кодош. Сме во контакт повеќе луѓе лустрирани, за кои судот во Стразбур ги уважи нашите барања, сметаме дека има материјал, подлога за да се обратиме пред државата Македонија да ја исправи оваа неправда. Или да ни се дозволи фер судење или да се донесе одлука да бидат поништени овие предмети кои Стразбур ги враќа назад како неправилно пресудени, вели Костурски.

Костурски ја поднел тужбата до судот во Стразбур откако бил одбиен од Управниот суд на Македонија, а потоа и од Вишиот управен суд, затоа што не му била дадена можност за фер судење и одбрана, а во постапките пред судот имал предложено сведоци, но тие не биле земени предвид.