Премиерот Зоран Заев вели дека денеска очекува позитивна информација од Кина во врска со продолжување на набавката на кинеските вакцини. На прашање што е со вратениот капар и дали тоа значи дека договорот е укинат, тој вели дека парите се повлечени поради тоа што чекале поддршка од МНР на Кина, иако веќе имале од Министерството за здравство и самата Синофарм, па не можеле да остават пари да „лежат“ во друга земја додека не се заврши постапката.
– Авансот се пушти како дел од процедурата, кога побараа соодветните министерства на Кина да се завршат прво работите а после да се прави уплатата, ние ги повлековме парите. Парите се секако тука на истата сметка на Министерството за здравство. Знаете дека имаме и втора постапка отпочната за други 200.000 вакцини од Кина, формализирана е документацијата за Спутник и навистина денови се во прашање кога ќе може да се потврди товар на самите вакцини за да дојдат, вели Заев.
Точен датум кога вакцините ќе пристигнат сепак нема, бидејќи како што посочи премиерот, поради недостатокот на вакцини, никаде во светот не се знае кој вид на вакцина кога ќе пристигне.