Дрогата лесно достапна во Гевгелија – граѓаните повикуваат на акција – ММС
ММС

Објавено на: 03/3/21 1:13 PM

Дрогата лесно достапна во Гевгелија – граѓаните повикуваат на акција

Обуки и работилници за средношколците за штетноста на дрогата, алкохолот и другите пороци;  заеднички патроли од родители, професори, полицајци и социјални работници и контрола на продажбата на алкохол на малолетници во кафулињата и во продавниците. Ова се само дел од активностите кои ги подготви и Советот за превенција на Гевгелија, но пандемијата со коронавирусот ја попречи нивната реализација. Општината изготви и финансиска конструкција, а  Локалниот совет за превенција формираше и работна група која требаше да се занимава со оваа проблематика. Сепак, новото „нормално“ го стави на ‘стенд бај’ Оперативниот план изготвен со цел младите да се запознат со штетите од употребата на дрога и психотропни супстанци.

„Со една невладина од Скопје веќе договоривме посета на ученици, одредивме и локација и термин, направивме финансиска конструкција и тоа не заживеа. Мислам дека сега веќе полека се создаваат услови за оваа тема да се актуелизира повторно. Појавата е евидентна и мора да се дејствува. Нема промена кај нас во мислењето, немаме дилема. Проблем беше ограниченото движење ланската година, презафатеноста на органите со спроведувањето на другите мерки за заштита од вирусот. Ресурсите се тие на органите на прогонот и приоритет се даде на справување со пандемијата. Нема 100 проценти да го сузбиеме проблемот, но ќе испратиме порака дека општината тоа не го толерира, со цел нашите млади да имаат подобра иднина“, вели градоначалникот Сашо Поцков во изјава за Канал 77.  Улогата на локалната самоуправа на ова поле е пред се’превентивна, но сепак тој очекува дека ќе биде испратена порака до младите за трнливоста на патот кој води до збогување од зависноста.

Фото:  Раправа во организација на Локалниот совет за превенција  „Поенергично против раширеноста на опојните дроги меѓу младите“

Извор: gevgelija.gov.mk

„Ние во рамките на нашите надлежности и ингеренции може да ги превенираме овие дела и за ова веќе е разговарано на Советот за превенција кој е општинско тело. Беше замислено уште во март лани да имаме акција на терен, посета на кафулиња, ресторани. Со МВР договоривме поставување камери во градот каде мислиме дека има потенцијално највеќе можност за собирање и вршење на тие недозволени дејанија, но поради пандемијата, полицискиот час, неможноста за излегување и собирање, моравме ова да го одложиме. Беше замислена и работилница во чии рамки требаше да ги посетиме гимназијалците од прва и втора година за да ги чујат искуствата на оние што го поминале патот на зависност од дрога па се рехабилитирале и интегрирале во општеството“, додава Поцков. Иако не располага со конкретни податоци, смета дека употребата на дрога во општината со која раководи е намалена поради социјалната интеракција која е ограничена веќе една година.

Родителите поборници за поголема едукација на младите за штетите од зависноста од дрога

Идејата за да се дејствува во оваа насока, всушност дошла од Советот на родители при СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, па со свои претставници и тие се вклучиле во работната група и изработката на Оперативниот план во февруари ланската година. Во тој период, Советот е предводен од Соња Јовановска па со неа разговаравме околу причините поради кои родителите испратиле писмо до градоначалникот, апелирајќи на соработка за превенција од употреба на дрога и психотропни супстанци.

Фото:  Facebook / СОУ Јосиф Јосифовски – Гевгелија

-Потребата од ваков вид на активности се наметна од две причини. Прво, во неформален разговор со младите јас како родител и наставник сѐ повеќе добивав впечаток дека психотропните супстанци се лесно достапни до младите, како финансиски така и пристапноста до истите. Имав неформални информации за одредени лица, меѓу кои за жал и малолетници, дека без проблем и страв продаваат психотропни супстанци на јавни места, како што се училишните дворови, кафетерии, улица и така натаму. Второ, педагошката служба при СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија во 2019.година спроведе анонимна анкета за употреба на психотропни супстанци кај младите, со која беа опфатени сите родители и наставници – ни изјави Јовановска.

Поранешната претседателка на Советот на родители додаде дека податоците од анкетата биле загрижувачки и поразителни.

„Младите отворено се изјаснуваа дека би конзумирале/или конзумирале марихуана, дека не мислат дека е штетна, напротив, дека во неа гледат супстанца за „опуштање“ од секојднвните проблеми и ред други причини. А од друга страна, родителите воопшто не беа запознаени со оваа проблематика и беа изненадени од процентуалните податоци од анкетата. Токму од тие причини, едукативните работилници требаше да ги опфатат и родителите и учениците“, истакнува Јовановска.

„Според неа, загрижуваат информациите дека продажбата се случува во училишните дворови и кафетерии. Го констатиравме тоа дека има потреба од почести полициски рации и вклученост на родители во целиот процес, затоа што секој без исклучок може да биде директно засегнат, за жал“, потенцира таа за Канал 77.

Невладиниот сектор на терен од пред речиси 10 години

За разлика од локалната самоуправа, надлежниот сектор почнал да работи на зголемување на свеста за оваа проблематика уште пред десетина години. На тоа се сеќава и Стево Стефанов, член на Здружението Поддршка – Гевгелија и професор по предметот Психологија во Гимназијата „Јосиф Јосифовски“.

-Во 2009 година склучивме меморандум за соработка со невладината Избор од Струмица, која имплементира една „продолжена рака“ во Гевгелија. Во рамките на таа соработка сме работеле директно со самите зависници од дроги, кои пак потоа доаѓаа на работилниците што ги организиравме со самите учесници како воншколски активности. Ваквите средби најмногу „палат“ ако може така да се изразам – смета Стефанов.

-Кај младите (учениците) е многу ефикасно сликовитото делување, да се раскажат приказни од секојдневието на тие лица. Имаме ситуации кога самите ресоцијализирани зависници се соочуваат со учениците во мали групи на превентивни работилници и од своја гледна точка ги раскажуваат сите непријатни борби кои ги војувале со зависноста. Тоа делува многу поефикасно кај учениците и може да осознаат со што би си имале работа ако дојдат во такво ризично однесување – раскажува тој за Канал 77.

Извадоци од едукативна онлајн работилница во организација на ЗГ „Поддршка“

Како психолог работел на рехабилитацијата на дел од зависниците сместени во гевгелискиот Центар за превенција и третман од зависност од опојни дроги.

Фото: Центарот функционира во рамките на Болницата во Гевгелија

Извор:   gevgelija.gov.mk

Според Стефанов, улогата на неговата професионална фела е од непроценливо значење за рехабилитацијата и ресоцијализацијата на зависниците. Вели дека тоа е процес кој може да трае и со години, но не е невозможен.

„Тоа е поширок концепт на делување, тука се вклучува и семејството, но само таму каде што има волја. Зависниците се соочуваат со потешкотии и со отпор да пристапат. Кај нив се јавува недостиг на сигурност во самите себе дека ќе успеат на тој пат. Додека се дојде до моментот да се признае дека постои проблем, да се прифати подадената рака потребно е време. Треба да се изодат некои чекори. Но, кај најуспешните приказни постои соработка и со родителите и со самите зависници“, вели Стефанов.  Искуството покажува дека зависноста се’ уште е табу тема во македонското општество, особено во помалите средини каде поранешните зависници тешко се вклучуваат на пазарот на труд.

Зависноста од дрога – табу тема во македонското општество

Кога ќе го извадиме човекот на „отворениот пазар“ табуата постојат. Им стојат етикетите, работодавачите потешко ги прифаќаат – вели психологот, додавајќи дека граѓанскиот сектор активно се вклучил и на тоа поле, да им помогне на луѓето што ја пребродиле зависноста активно да се вратат во својата средина. Без да го вперува прстот конкретно во одредена институција, нашиот соговорник сепак забележува дека е потребна подобра координација меѓу надлежните со невладиниот сектор. Вели дека имало некаква соработка уште во 2006 година кога се отвори дневниот центар во Гевгелија, но со текот на времето таа почнала да слабее.

„После толку години работа, остануваме на туркање, на лична иницијатива и ангажман на организацијата. Граѓанскиот сектор располага со добар и искусен кадар кој треба да се земе таков каков што е. Да се дообучи, но да се искористи тој капацитет за да не тргнуваме од првата скала, бидејќи веќе сме некаде“, вели Стефанов. Со оглед на неговата професионална определба, го прашавме и кои фактори влијаат врз одлуката на младите да се оддадат на краткорочното „задоволство“ од дрогата и психотропните супстанци.

„Има неколку фактори кои се на врвот на листата. Прво е неедуцираноста и неинформираноста за последиците што ги носи тој ризичен облик на однесување. Потоа тука е љубопитноста, друштвото односно социјалното опкружување околу самата личност и одредени потешкотии во социо-економскиот статус дома. Сепак, под број еден е незнаењето што тоа носи. Нашата намера е да го зголемиме нивото на информираност“, вели Стефанов кој објаснува и дека последиците не само врз физичкото, туку и врз менталното здравје се од огромни размери.

„Секако дека ова создава штети не само кај личноста, туку и кај нејзиното семејство, односно е штетно за луѓето од најблиското опкружување, штетите се 50:50. Лекувањето е многу тешко, ресоцијализацијата е тешка, но не е невозможна. Од 10 активни зависници, двајца да извадиме на прав пат е огромен успех. Тоа бара повеќе волја и потпора од страна на самата личност, но е возможна“, додава тој за Канал 77.

Дека е потребна поголема координација за намалување на штетите, минатата година во јуни јавно укажа  д-р Митко Крџев, координатор на Центарот за превенција и третман од зависност од опојни дроги.

„Третманот на овие лица е со метадон и бупренорфин, а исто така им се пружи и психолошка и социјална поддршка на лицата- зависници од хероин. Години наназад, бројката на лицата на кои им се пружи ваков третман, варира помеѓу 40 и 80 корисника. Состојбата со употребата на наркотици и психотропни супстанции кај младите во нашата општина е сигурно многу повисока од веќе регистрираните корисници во Центарот за зависности од опијати. Meѓутоа, нерелевантните податоци би биле само шпекулативна бројка, далеку од реалната, па за приближно одредување на распространетоста за консумирање на наркотици и психотропни супстанци потребна е координација на повеќе институции“, истакна Крџев.

На овој проблем инаку, укажаа и граѓаните кои учествуваа на работилницата на Здружението на граѓани Медиа плус.

Тие побараа повеќе полициски патроли, особено засилено полициско присуство на улицата „Браќа Миладиновци“, во близина на градскиот пазар и во населеното место Миравци.

 

Оваа публикација е изработена во рамките на проектот „Здружени сме посигурни и побезбедни” за ЗГ Медиа плус од Штип, која е корисник на финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас. Содржината на ова аудио е единствена одговорност на ЗГ Медиа плус и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас.