Не е вистина дека ќе се укинуваат катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност: Отворено писмо од Филолошкиот факултет – ММС
ММС

Објавено на: 03/1/21 10:22 AM

 Не е вистина дека ќе се укинуваат катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност: Отворено писмо од Филолошкиот факултет

Манипулативни и невистинити се тврдењата за евентуално укинување на Катедрата за македонски јазик – реагираат денеска преку отворено писмо од Деканатот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”-Скопје.

За жал, овие написи доаѓаат токму во годината на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на нашиот патрон и професор, Блаже Конески, и 75-годишнината од основањето на Катедрата за македонски јазик и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”. Акад. Блаже Конески беше член на нашата катедра од нејзиното основање и поради огромната почит што ја имаме кон личноста и делото на нашиот професор, тој е одбран за патрон на институцијата. Затоа да не дозволиме неговото име наместо да нѐ обединува да нѐ разединува – се вели во писмото.

Изразуваме цврста убеденост дека на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност. Истовремено ја уверуваме македонската јавност дека доколку некој поединец или институција би се осмелиле да посегнат по интегритетот на Катедрата за македонски јазик, ние сите до еден ќе се заложиме тоа да го спречиме со сите средства и на сите начини – додаваат од Деканатот.

Остануваме посветени на својата мисија во афирмацијата на македонскиот јазик и неговото научно проучување, како и во образованието на млади кадри македонисти што со наша помош ќе го почитуваат и ќе го продолжат делото на Конески, во нашата средина и на меѓународен план – се вели во писмото потпишано од шеснаесет универзитетски професори.