Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да се одржи ново рочиште за случајот „Титаник”, кој се однесува на изборни нерегуларности.
Овој судски предмет е уште во фаза на доказна постапка. На претходното рочиште, на 22 февруари, беше сослушан премиерот Зоран Заев, кој од позиција на сведок предложен од обвинителството сведочеше за изборните нерегуларности вршени од страна на ВМРО-ДПМНЕ во 2014 година.
Судењето за овој случај го води судијата Осман Шабани, додека обвинението го застапува обвинителката Лиле Стефанова.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник” обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.