„Охрид SOS“ остро се спротивставува на отстранувањето на дрворедот од улицата „Јане Сандански“ во Охрид – ММС
ММС

Објавено на: 02/28/21 7:54 PM

„Охрид SOS“ остро се спротивставува на отстранувањето на дрворедот од улицата „Јане Сандански“ во Охрид

Најавените подготвителни активности за реконструкција на улицата „Јане Сандански“ во Охрид ја разбрануваа јавноста, преку реакции на граѓани преку социјалните мрежи, но и забелешки на еколошките здруженија и активисти.

Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ и овојпат со отворено писмо преку медиумите бара веднаш да се повлече одлуката за сечење на дрворедот на улицата, објавување на целиот проект за реконструкцијата и напуштање на практиката, како што посочуваат, „уништување замаскирано како некаква реконструкција и согласно закон“.

Според новното образложение, она не е прв пат зад некаков синоним на реконструкција да се прави деструкција на повеќегодишни дрвја.

„Што е најважно, ваквите одлуки се носат БЕЗ АПСОЛУТНО НИКАКВА консултација со јавноста. На ниеден начин не се охриѓани вклучени во процесот и транспарентно информирани за плановите за да може да дадат свој коментар или забелешки. Во Архуската конвенција чијшто потписник е и Македонија, јасно се утврдени правата поврзани со одлуки кои ја засегаат животната средина: процес на сеопфатна консултација е задолжителен, транспарентна комуникација со граѓаните е задолжителна ако сакаме навистина да бидеме земја која ги почитува демократските начела и која го штити владеењето на правото“, се наведува во писмото.

Од „Охрид SOS“ се нагласува дека за планираните активности Општинската власт има објавено само штуро соопштение, а јавноста е ставена пред свршен чин. Како што е посочено, Општината не понудила ни идејно решение, ни визуелизација. Јавноста не знае што освен „промена на водоводната азбестна линија“ ќе значи таа реконструкција.

„Како што гледаме, македонските институции не се нималку заинтересирани да си ги исполнуваат обврските и да работат во најдобар интерес на граѓаните. Пандемијата требаше да нè научи дека себичното и агресивно експлоатирање на природата на крај доведува до уништување на човекот. Но, не може да очекуваме дека тие лекции ќе ги научат моќници што профитот го ставаат пред здравјето на сите нас, посочуваат активистите на „Охрид SOS“ притоа прозивајќи го и градоначалникот Константин Георгиески дека едно ветувал пред изборите, а после добивањето на привилегијата да биде градоначалник

Во предизборната програма на градоначалникот на Општина Охрид покажал, како пшто се посочува „дека е уште еден во долгата низа нечесни и непринципиелни политичари кои дрско манипулираат со потребите на граѓаните, уште  еден од збирштината обични лицемери што не бираат средства за да ги задоволат своите бескрупулозни амбиции и немаат никаква почит кон природата“.

Општина Охрид реконструкцијата на улицата „Јане Сандански“ која е една од поважните сообраќајни артерии на градот ја најави со куса информација дека ќе се спроведува целосна реконструкција на сообраќајницата со замена на „азбестен крак на водоводната мрежа“, со најава дека во подготвителните активности е предвидено отстранување на дрворедот.