Ноќеска околу 02.00 часот во Полициската станица Кочани било пријавено дека на регионалниот пат Кочани-Пониква, патничко возило „фолксваген туарег“, со бугарски национални ознаки, управувано од И.А(38) од с.Облешево, кочанско, излетало од коловозот.
Сопатничката М.Б.(31) од с.Прибачево, кочанско, починала на местото на незгодата, а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош. Другата сопатничка, Е.Г.(28) од с.Василево, се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница Кочани, а со телесни повреди се здобил возачот.
На терен излегле и од противпожарната единица од Кочани кои помагале лицата да се извлечат од превртениот автомобил.
„ Изутринава околу 3:15 часот добивме повик за интервенција за спасување повредени лица од сообраќајната несреќа кај Аеродромот, при што од превртеното возило извлековме безживотно тело на девојче кое настрадало на лице место. Другите две лица, момче и девојче кои се здобиле со потешки повреди беа префрлени со возило на итна помош во кочанската болница. Поради специфичноста на стрмниот терен и можноста возилото дополнително да излизга, бевме принудени да го осигураме со јажиња,“ истакна претходно Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица од Кочани.
Увид на местото извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Кочани.