Заев нема да бара оставка од функционерите поврзани со грантовите од Фонд за иновации – ММС
ММС

Објавено на: 07/25/18 3:25 PM

Заев нема да бара оставка од функционерите поврзани со грантовите од Фонд за иновации

Премиерот Зоран Заев вели дека нема да побара оставки од функционерите за кои имаше реакции во јавноста за поврзаност со фирми кои добија грантови од Фондот за иновации и технолошки развој, затоа што, според него, тие се повлекле и не го кршеле законот.

„Ако така бараме оставки потоа ќе се мислиме од каде да најдеме луѓе да ги ангажираме во власта. Тие апсолутно постапуваат етички, излегоа на прес-конференции да ги кажат своите ставови и тоа е фер однос. Проблемот е што во минатото не се откажуваа и оставаа до крај впечаток дека нешто не е етички или коректно“, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања, по стартот на инвестицијата на турската компанија „Мурат Тиџарет“.

Заев рече дека со законот е дозволено сите фирми да аплицираат, а кога јавноста реагирала будно, етичкиот дел на самите министри и на другите функционери се разбудил, тие сами ги повлекле апликациите на фирмите во кои што имаат свој удел, а еден дел од нив тргнале да ги продадат своите удели:

„Мене ми требаат овие функционери, јас работам со нив, ги знам нивните капацитети и драго ми е што реагираат вака за да повлечат апликации и да дадат шанса при одлучувањето за сите други компании. Верувам дека ваквиот однос е транспарентен и чесен кон граѓаните“.