Утре „Осоговски велеслалом 2021“, пријавени осумдесетина натпреварувачи – ММС
ММС

Објавено на: 02/27/21 12:52 PM

Утре „Осоговски велеслалом 2021“, пријавени осумдесетина натпреварувачи

Привршуваат организациските подготовки за „Осоговскиот велеслалом“, кој ќе се одржи на Пониква, в недела на 28 февруари, во 11 ч., во организација на Општина Кочани и Скијачката федерација на Македонија.

Во сите пет категории, во машка и во женска конкуренција – цицибани, деца, млади, сениори и ветерани – се пријавени осумдесетина натпреварувачи од Кочани, Скопје, Битола, Штип, Виница и други градови. Учесниците ќе скијаат на ски-патеката 3, која за натпреварот ја подготвува и опремува Скијачката федерација на Македонија, во соработка со рекреативни скијачи од Кочани.

Сончевите денови и топлото време изминативе денови ѝ се противеа на снежната покривка на Осоговските Планини, но организаторите очекуваат дека патеката ќе ги задоволи критериумите за нормална реализација на скијачкиот настан. Поддршка на организаторите ќе бидат и Територијалната противпожарна единица и служби од Министерството за внатрешни работи.

Општина Кочани на најуспешните во сите категории ќе им додели награди и признанија.