Мјанмар: Изборната комисија именувана од воената власт ги прогласи за неважечки резултатите од минатогодишните избори – ММС
ММС

Објавено на: 02/26/21 8:03 PM

Мјанмар: Изборната комисија именувана од воената власт ги прогласи за неважечки резултатите од минатогодишните избори

Мјанмарската воена изборна комисија која ја именуваше хунтата, ги прогласи за неважечки резултатите од минатогодишните избори во Мјанмар, објавија денеска локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Тоа го соопшти Теин Сое, шефот на Изборната комисија која ја именуваше воената власт, откако во главниот град Најпјитаву за тоа ги информира претставниците на 53 политички партии“, пренесува „Иравади“ (The Irrawaddy).

„Резултатот на Националната лига за демократија (NLD) 2020 повеќе не е важечки“, изјави Теин Сое.

Мјанмарската војска официјална позната како „Татмадав“, прогласи вонредна состојба на 1 февруари, неколку часа по притворањето на челничката на земјата, Су Кју и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија.

Воениот удар се случи неколку часа пред првото заседание на новиот состав на Парламентот по изборите во ноември минатата година на кои Националната лига за демократија оствари победа.

Војската тврди дека пучот е извршен поради изборната измама на гласачките места, што, како што е соопштено, резултира со доминација на Националната лига за демократија во Парламентот.

Набрзо по воениот удар, хунтата прогласи воена состојба наметнувајќи ноќен полициски час и забрана за собирање на пет или повеќе лица.

Сепак, не успеа да ги задуши демонстрациите на граѓаните и кампањата на граѓанска непослушност која ја започнаа владините официјални претставници против военото владеење.