Изминатите два дена Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија ја одржа 12. средба. На оваа средба не бил постигнат напредок во однос на дискусијата за учебниците по историја, а не била постигната и согласност во однос на прашањата поврзани со средновековието. Комисијата не го отвори прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување, иако било на дневен ред.
Според предложениот дневен ред за работа, соопштија денеска од МНР, тема на дискусија биле прашањата поврзани со содржината на Записникот од 10. средба, изготвување на препораки за учебниците по историја со цел надминување на споровите кои произлегуваат од различните и силно исполитизирани толкувања на минатото и усогласување на текст препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев.
– Во однос на прашањата со записникот, членовите на Комисијата го усвоија записникот и беше утврдено во текот на месец март членовите на Комисијата да работат на усвојување на записникот од 11. средба и Годишниот извештај на Комисијата. Во однос на дискусијата за учебниците по историја, како и на претходната средба, не беше постигнат напредок. И покрај конструктивната дискусија и желбата да се постигне напредок, не беше постигната согласност во однос на прашањата поврзани со средновековието. Остануваат големите разлики во пристапите и разбирањето на улогата на историското образование и образовните политики. Со оглед на продолжената на дискусијата за учебниците по историја, на оваа средба, Комисијата не го отвори прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување, иако беше на дневен ред, се наведува во соопштението од МНР.
Дискусијата по овие теми, најавуваат во соопштението од МНР, ќе продолжи на следната средба на Комисијата, која треба се одржи на 22 и 23 април 2021 година.