Двајца повозрасни кумановци во моментов се водат за исчезнати.
Последниот случај е пријавен вчера во Секторот за внатрешни работи Куманово, а станува збор за шеесет и седумгодишник со иницијали Ј.С. Случајот го пријавил во полиција неговиот син.
– На 25.02.2021 во 22.00 часот во СВР Куманово, Ј.О.(39) од Куманово пријавил дека од дома се оддалечил неговиот татко Ј.С.(67). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето, стои во соопштението на кумановската полиција.
Во меѓувреме веќе 11-ти ден е исчезнат 68-годишниот Стојадин Марковски.
Информациите за негово исчезнување Министерството за внатрешни работи ги објави на својата веб страница во одделот за исчезнати лица, со надеж дека некој од граѓаните ќе го препознае.
Марковски има 68 години и е од кумановската населба Карпош. Во недела на 14ти месецов излегол од дома доцна вечерта да чисти снег пред куќата и повеќе не се вратил. Утредента неговото семејство пријавило и во полиција.
Кога излегол од дома бил облечен во црвена јакна, фармерки и бели патики. Живеел со неговата сопруга и нема блиски роднини.
Доколку некој поседува информации за него или го препознае надлежните апелираат да се обрати во најблиската полициска станица или да достави информации на бројот 192.
Никола Ивановски