Три милиони килограми праски од Росоманскиот регион се извезени досега на рускиот пазар – ММС
ММС

Објавено на: 07/25/18 1:57 PM

Три милиони килограми праски од Росоманскиот регион се извезени досега на рускиот пазар

Од стартот на бербата на рускиот пазар досега се извезени околу три милиони килограми праски од Росоманскиот регион а прогнозите се дека во наредниот период ќе заминат уште два милиона килограми. Од Здружението “Росоманска долина”  информираа дека на пазарите во земјава  завршиле близу 3 милиони килограми додека во домашните преработувачки капацитети пак, завршиле околу еден милион килограми праски. Во моментов активно се бере сортата “крес хевен”, а цената се движи од 18 до 20 денари за килограм. Овоштарите потврдуваат дека актуелните состојби со Косово се рефлектираат и овде бидејќи намалена е побарувачката за тој пазар,камиони со косовски таблички немало а претежно доаѓале трговци од земјава.

Производителите на праски велат дека годинава, вегетациски бербата ќе заврши порано за две недели со оглед на климатските промени. Откупот се одвива на неколку пунктови од кои поголемиот дел вршат откуп на праски за Русија. Росоманско располага со околу 700 ха насади со праски или на овој регион отпаѓа 1 % од светското производство.  Производителите велат дека паметат подобри времиња кога Росоманско произведувало и по 13 милиони кг праски во сезона,но со оглед на временските услови и годинава родот е намален.

Овоштарите од државата добиваат субвенции за одржување на насадите со праски ,субвенции има и за откуп на праски во домашни капацитети, неодамна производителите добија и обесштетување за претрпени штети од неповолните временски услови кои го зафатија овој крај.

Инаку податоците покажуваат дека 150 милиони евра достигнал извозот на свежо овошје и зеленчук од Македонија лани,најголема побарувачка има за јаболките, праските, сливите, јагодите и други ситни овошја кај кои, според производителите, имаат одлична заработка и цена на пазарите во странство. Праските спаѓаат како трето најизвезувано овошје од земјава,минатата година на странските пазари биле извезени праски во вредност од 3,8 милиони евра каде најголем дел од нив или 2,77 милиони евра се на руските пазари.Како втор пазар за ова овошје е Србија каде се извезени праски во висина од 449 илјади евра па потоа доаѓа Косово како трет пазар со 209 илјади евра,потоа Белорусија па помали извози на пазарите во Украина,Хрватска,Босна,Албанија и Црна Гора.

Билјана Тошевски