Во целина сме задоволни од пресудата затоа што се потврдија сите наводи од Обвинителството, рече обвинителката Ленче Ристоска по денешното изрекување на пресудата во случајот Таргет-Тврдина.
„Се потврдија сите наводи на Обвинителството. Добивме осудителни пресуди. Во однос на висината на казните за дел сме задоволни, за дел не. Најнапред би сакале да го видиме образложението на Судот па да одлучиме за жалбите“, изјави Ристоска. Таа како и во судница, потенцираше дека со колегите сметале оти постои опасност од бегство и токму поради тоа побарале ефективен притвор за Мијалков.
„Денес елабориравме дека постојат докази кои одат во прилог на зголемување на опасноста од бегство, како што се дозволата за престој на обвинетиот Мијалков во друга држава, порадотицте што ги имавме за неговата имотна состојба, но и околноста дека мерката куќен притвор така како што е определена од судот не може да се спроведе. Сето тоа е доволна гаранција за нас, а во корелација со сите околности е и фактот дека Мијалков не беше достапен извесен период од моментот кога е определна мерката куќен притвор“, додаде Ристоска.
Новинарите ја прашаа и за коментар околу фактот дека поранешниот шеф на УБК би можел да биде во притвор максимум 60 дена, на што Ристоска одговори дека роковите за притвор согласно домшното законодавство се навистина кратки.
Во однос на недостапноста на Мијалков за органите на прогонот, таа истакна дека во петокот немале никакви информации, а доколку имале ќе побарале притвор уште тогаш.
„Првите информации ги добивме во саботата вечерта и веднаш реагиравме. Не знаеме каде бил Мијалков, се надевам дека ќе се утврди бидејќи и за нас тоа е значајно“, изјави обвинителката.