Македонија и земјите од регионот ќе воведат соодветни контра мерки, доколку Косово не ги повлече трговските бариери за сите земјоделски производи. Ова е еден од заклучоците на денешниот министерски состанок во Белград кој го свика српскиот министер за трговија, Расим Љајиќ.
Земјите од регионот ќе формираат оперативно тело кое ќе цели кон тоа да спречи нови царински бариери како оние кои неодамна ги воведе Косово. Одлуката за ова падна на денешниот состанок во Белград на министрите за земјоделство, трговија и економија на Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. На состанокот, на кој имаше претставник и од Црна Гора тие ја поздравија одлуката на Приштина за делумно повлекување на трговските бариери, но побараа без одложување да се повлечат царините и за останатите производи, или во спротивно секоја земја ќе воведе соодветни контра мерки.
Според српскиот министер за трговија Расим Љајиќ, договореното оперативно тело ќе работи до стапување во сила на Протоколот 7 од ЦЕФТА договорот.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски смета дека од овие бариери најпогодена е Македонија:
„Очекуваме итно повлекување на оваа одлука. Во спротивно Македонија ќе ги преземе сите чекори и мерки кои се во функција на заштита на македонското земјоделство, домашното производство и граѓаните“.
Во меѓувреме, родот на македонските земјоделски производители веќе скапува, а најризични се доматите, праските и сливите. Стопирањето на извозот кон Косово ги спушти цените на земјоделските производи кои не може допрва да се пласираат на нови пазари бидејќи веќе е доцна. Одлуката за триесетпроцентно зголемување на царините за извоз на овошје и зеленчук на Косово стапи на сила на 18 јули. Оваа одлука се однесуваше на 21 земјоделски производ, но според најновата одлука на косовската влада, зголемените царини сепак нема да важат за 16 производи.
Инаку, вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово за периодот јануари – јуни 2018 година е над 2,5 милијарди денари, а земјоделски производи од Косово во Македонија не се увезуваат.
Вања Мицевска