Несекојдневно патешествие: Руски дипломати со дресина мораа да ја напуштат Северна Кореја – ММС
ММС

Објавено на: 02/26/21 11:17 AM

Несекојдневно патешествие: Руски дипломати со дресина мораа да ја напуштат Северна Кореја

Група руски дипломати и членови на нивните семејства деновиве мораа да ја напуштат Северна Кореја со дресина, шинско возило на рачен погон. Тоа им беше единствената легално достапна опција за враќање во Русија, јавува ББС, пренесува „Јутарњи.хр“.

Нивното патешествие на својата Фејсбук-страница го сподели руското Министерство за надворешни работи, кое ја објави и фотографијата како осумтемина Руси одат со дресината низ севернокорејските пејзажи.

„Бидејќи границите се затворени повеќе од една година, а сопрен е и патничкиот превоз, беше тоа тежок пат до дома“, напишаа од Министерството во објавата.

Северна Кореја воведе едни од најстрогите мерки за заштита од пандемијата на коронавирус во светот. Забрани и влез и излез на возови и други превозни средства. Војската го засили надзорот на границите. По затворањето на границите, повеќето западни земји ги затворија амбасадите и го испратија персоналот во матичните држави. Повеќето од нив пеш ја поминуваа копнената граница со Кина, по последниот лет лани, кој ги превезе дипломатите од Германија, Франција, Швајцарија, Русија Полска, Романија, Монголија и од Египет до аеродромот во Владивосток.