Пензионери тепаат продавачки за 5 денари кусур – Има ли пандемијата влијание врз поведението на постарите лица – ММС
ММС

Објавено на: 02/25/21 9:16 PM

Пензионери тепаат продавачки за 5 денари кусур – Има ли пандемијата влијание врз поведението на постарите лица

„Нападната продавачка од 61-годишно лице за кусур од 5 денари“, „68-годишно лице удрило продавачка откако и ја одзело метлата“, “Се степале двајца повозрасни велешани“… Ова се само дел од насловите за настаните кои  ја шокираа јавноста во последните десетина дена.

Обиди за тепачка и физичко насилство имало и претходно, но последните случаи во кои главните актери во инцидентите се постари лица стана предмет на поширока анализа за ваквото поведение на луѓето, причините за однесувањето и дали манифестирањето насилство е поврзано со новиот начин на живот кој ни го донесе пандемијата.

Пред десетина дена, 61-годишниот Ј.Ј. нападнал 37-годишна велешанка вработена во продавница во Велес додека таа била на работа, а напаѓачот наводно реагирал насилно затоа што не му вратила кусур од пет денари.

Неколку дена подоцна, постаро лице на возраст од 68 години нападнало друга продавачка (34) додека таа чистела пред продавницата. Тој и ја одзел метлата од раце и физички ја нападнал.

Двајца повозрасни луѓе на возраст од 64 и 65 години завчера се степале на улицата која поминува покрај училиштето „Блаже Конески“ во Велес, а пред неколку дена две жени на возраст од 54 и 55 години исто така се обиделе физички да се пресметаат. Сите настани се случиле среде бел ден на места на кои обично има поголемо движење.

Портпарлот на СВР Велес, Верољуб Додевски во разговор за ММС рече дека ниту еден случај не е поврзан меѓу себе, освен што во инцидентите учестуваат невообичаено за него, постари лица.

„Нема поврзаност, освен што во инцидентите учестуваат постари лица. Делува збунувачки, но постарите луѓе изгледа сега се понервозни, напнати, нетрпеливи и веднаш реагираат поагресивно. Психолозите треба да одговорат дали мерките за време на пандемијата влијаеле врз нивното поведение. Можеби сега ги чувствуваме последиците од оној карантин и мерките со кои живееме скоро една година“, вели портпаролот на СВР Велес.

Верољуб откри дека во првиот случај, лицето ја удрило продавачката затоа што не му вратила кусур од пет денари, а во вториот затоа што чистела кога тој минувал пред продавницата.

Психологот м-р Атанас Иваноски верува дека пандемијата е маска зад која луѓето манифестираат свесно или несвесно поведение и дека таа не е клучна за ова влијание.

„Секогаш се тргнува од две насоки. Се работи за структура на личноста или за патолошко однесување. Секој различно се справува со стресот и траумите и различно воспоставува контрола на поведението. Не верувам дека луѓето на овие години како што се случаите во Велес, првпат манифестираат вакво однесување„ вели Иваноски.

Со подлабока психоанализа научно можат да се дадат поконкретни одговори и може да се предвиди во која насока ќе оди тоа поведение.

„Не може јасно да се каже дека пандемијата влијаела на однесувањето на постарите лица. Што е со луѓето на кои не им влијаела воопшто или со оние кои лесно се справуваат со стресните ситуации. Не може категорично да се тврди колку влијаела, туку во колкав степен кај секоја индивидуа оставила трага. Сепак, ова не е најтешкото што сме го преживале. Ригорозните мерки беа на сила пред скоро една година, а во меѓувреме живевме со олабавени мерки“, вели психологот Иваноски за ММС.

Психологот се обиде да направи една анализа на луѓето кои ги предизвикаа инцидентите во Велес.

„Човекот е комплексно суштество со своја историја, генетика и биолошки предиспозиции. На тие постари години, многу често луѓето си го преиспитуваат сопствениот живот, се прашуваат што направиле, што исполниле, а што не успеале да направат. Сопственото незадоволство се манифестира преку вакво поведение“, додава Иваноски.

Орце Костов

Фото: velkaton.ba/sopot.org.rs