За домашниот притвор на Мијалков судот одлучуваше во најбрз можен рок, вели Џолев – ММС
ММС

Објавено на: 02/25/21 2:27 PM

За домашниот притвор на Мијалков судот одлучуваше во најбрз можен рок, вели Џолев

Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, за одлуката за притвор на Сашо Мијалков вели дека се одлучувало во најбрз можен рок, бидејќи предлогот во судот стигнал во неделата во 15 часот, а одлуката била изготвена веќе во 18:30 часот.

– Предлогот за притвор во судот стигна во недела во 15 часот, а одлуката е донесена во 18:30 часот. Сите познавачи на судството во Македонија ќе ви кажат дека судот одлучувал во најбрз можен временски период. Согласно законските одредби рокот е 24 часа, што значи судот можел да одлучува до понеделник до 15 часот, но сметавме дека е итно да се постапи и така е постапено, рече Џолев одговарајќи на новинарско прашање зошто се чекало толку време за судот да издаде решение за домашен притвор на Мијалков.

Поранешниот директор на УБК се бараше со меѓународна потерница откако надлежните не можеа да го најдат за да му го достават решението за притвор. Покрената беше потрага, но тој самиот по 48 часа се пријави во Обвинителството.