Не сме сите создадени да направиме големи работи, но затоа можеме да направиме мали работи, за нас, ама со многу љубов, што ќе можат некому да му помогнат. Она што малиот Јаков од Прилеп го направи можеби за некого е мала работа, но хуманоста и насмевката на дечињата, на кои тој ќе им помогне е бесценета работа на оваа планета.
Јаков Јосифовски има 5 ипол години и веќе од најраната возраст знае како да ја покаже својата хуманост. Јаков е малиот херој, кој донираше коса за дечињата заболени од рак, кои поради хемотерапијата остануваат без коса.
Како што вели неговата мајка Анета Јосифовска, Јаков до една годинка немал многу коса, но откако почнала да му расте, била многу густа и квалитетна и воопшто не ја стрижеле. Сега, по пет години, кога косата на Јаков му достасала дури до половината и дошло на идеја да ја истрижат и да се донираат косата.
– Како што растеше, стануваше кадрава и бујна, па тоа ме инспирираше да му ја чувам косата на Јаков, да му расте, откри мајката.
Бидејќи во нашата земја нема начин како да се донира косата, за да се направат перики од природно влакно за онколошки пациенти, Анета се обратила до Здружението „Надеж“ за да се информира каде би можело да ја подарат косата на Јаков. Така со помош на Здружението се обратиле до Холандија.
– За да се донира коса мора да биде долга најмалку 20 сантимери, а Јаков ја имаше таа должина, вели мајката на Јаков.
Откако ги имале направиле услови за донирање на убавата и бујна коса на Јаков, тој ја исстрижал косата и со насмевка на лицето веднаш ја испратил до адресата на холандската организација.
Мајката на Јаков вели дека тој точно знаел зошто ја стриже и зошто ја подарува својата коса и е пресреќен што на овој начин им помогнал на дечињата за да имаат среќно детство.
– Јаков знае за што ја чувавме косата, и тој е пресреќен што им помага. Возбуден е што токму неговата коса ќе израдува некое детенце кое ја изгубила својата коса поради силните хемотерапии, вели Анета.
Јаков со својот потег успеја да ја воодушеви цела Македонија, и да биде поттик за другите деца како треба да се почитуваат вистинските вредости.
Весна Петровска