Индија и Пакистан договорија почитување на примирјето во Кашмир – ММС
ММС

Објавено на: 02/25/21 1:17 PM

Индија и Пакистан договорија почитување на примирјето во Кашмир

Индија и Пакистан договорија апсолутно почитување на прекинот на огнот на линиите на раздвојување во Кашмир, како и сите договори и спогодби, јавува агенцијата Анадолија (АА).

Генералните директори на воените операции на Индија и Пакистан во заедничка изјава наведоа дека се водат разговори за да се спречат судирите на Контролната линија (Loc), која ги раздвојува регионите под контрола на двете земји.

Во изјавата се истакнува дека страните ја процениле ситуацијата во Контролната линија и во другите региони и постигнале консензус за меѓусебно решавање на проблемите и загриженоста.

„Двете страни се согласија дека, почнувајќи од полноќ на 24-25 февруари, строго треба да се почитува примирјето во Контролната линија и во другите региони, односно да се почитуваат сите договори и спогодби“, се вели во соопштението.

Во тек се и преговорите за воспоставување линија за итна комуникација за да се спречат можните проблеми на границата.

Пакистан и Индија во 1947 година влегоа во прва војна за Кашмир. По истиот повод двете земји војуваа повторно во 1965 и 1999 година.

Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, 35 отсто од Пакистан и 20 отсто од Кина.

Индискиот дел наречен Џаму и Кашмир денес е единствено доминантна муслиманска покраина во Индија.

Пакистан на делот од Кашмир кој е под негова контрола му даде статус на две автономни територии наречени Азад Кашмир (Слободен Кашмир) и Гилгит Балтистан.

Советот за безбедност на Обединетите нации со низа резолуции предвидува статусот на Кашмир да се реши со волјата на тамошниот народ и тој регион да се демитализира. Такво сценарио заговара и Пакистан, но не и Индија.

Индиската Влада во август 2019 година го отповика делот од Уставот кој на Кашмир му овозможува специјален статус.