По последниот извршен надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во РЕК Битола, овој комбинат се задолжи континуирано да ја контролира прашината што се јавува од депонијата за пепел од филтрите, соодветно да го складира и обележува опасниот отпад, како и да ја заврши изведбата на платото за складирање на искористена амбажажа од отпадни масла.
Откако РЕК Битола ќе ја добие дозволата за усогласување со оперативен план, како што соопшти ДИЖС, инспекторите ќе обезбедат навремено спроведување на утврдените мерки за намалување на загадувањето. Непочитувањето на утврдените рокови ќе биде сооветно санкционирано.
– Не се регистрирани отстапувања од дозволените концентрации за ПМ 10 и ПМ 2,5 сулфур диоксид и азот диоксид во последните шест месеци при извршен увид на три станици (во селата Дедебалци, Гнеотино и Рибарци), покажа надзорот на Инспекторатот извршен на 23 февруари. Но, како што соопшти Инспекторатот, емисиите на прашина и сулфурен диоксид што се мерат на двата оџаци ги надминуваат граничните вредности, а надминати се и максималните вкупни емисии што се утврдени со Националниот план за намалување на емисиите кој произлегува од Договорот со Енергетската заедница.
Од Инспекторатот појаснуваат дека наместо во 2018 година да се постигнат 15,855 тони сулфур диоксид, реалните емисии биле 53,855 тони, или надминувањето на максималната утврдена вредност („плафон”) изнесувало 3.40 пати. Во 2019 година лимитот од 15,855 тони сулфур диоксид е надминат 6.81 пат, а емисиите изнесувале 108,033 тони. Во 2018 година лимитот на емисии на прашина од 1,738 тони е надминат 2.06 пати, а во 2019 година истиот е надминат 2.17 пати. Истакнуваат дека заради непочитувањето на Договорот со Енергетската заедница земјата најверојатно годинава ќе плаќа казни, наместо навреме да ги направи потребните инвестиции.
За намалување на емисиите на сулфур диоксид (преку десулфуризација или друга соодветна метода), посочуваат, потребни се околу 180 милиони евра што, како што велат, не се обезбедени, ниту е познат изворот на финансирање.
– Сулфур диоксидот е гас што може да реагира со влажноста во воздухот формирајќи сулфурна киселина. Високите концентрации на оваа загадувачка супстанција, во вид на кисели дождови, предизвикуваат закиселување на почвата и водите, намалување на биодиверзитетот и загрозување на здравјето на населението, и тоа на огромна оддалеченост од изворот на емисиите. Вкупните емисии на сулфур диоксид делумно ќе се намалат со планираната гасификација на првиот блок, но доколку другите два блока продолжат да користат јаглен и мазут како гориво, неопходно е итно да се започне со инвестирање во десулфуризација и изведба на систем за континуиран мониторинг на емисиите, наведуваат од Инспекторатот.
Други поважни мерки се намалувањето на фугитивните емисии од депонијата на јаглен и рекултивацијата на коповите во рудникот за јаглен, како и подобрувањето на пречистувањето на отпадните води. За намалување на емисиите на прашина, како што соопштуваат, во тек е спроведување јавна набавка за реконструкција на филтрите. По изведувањето на предвидените работи, вредностите на емитираната прашина ќе бидат под 50 mg/m3. Ќе се воспостави и заштитен зелен појас со садење тополи и багреми.
Овој комбинат, посочуваат, се уште нема добиено дозвола за усогласување со оперативен план, а рокот за нејзино издавање е истечен во 2019 година.
– Инспекторатот со соочува со потребата надзорот да се врши согласно одделните закони, наместо да го следи спроведувањето на одредбите од дозволата на интегриран начин. Со Законот за животна средина што е во собраниска процедура се продолжува рокот, што ќе овозможи Нацрт А дозволата за усогласување со оперативен план, која е во финална фаза, да биде веднаш издадена, наведуваат од ДИЖС.