Штипјани четири години чекаат катна гаража од Кит-Го но ќе добијат супермаркет, зошто? – ММС
ММС

Објавено на: 02/26/21 11:11 AM

Штипјани четири години чекаат катна гаража од Кит-Го но ќе добијат супермаркет, зошто?

Штипската фирма Кит-Го, пред пет години за 12.365 евра купи државно земјиште во населбата „8 Ноември“, со намена  за  катна гаража, предвидена во Урбанистичкиот план. Две години подоцна, катната гаража стана и деловен простор. И наместо жителите на населбата да добијат 65 гаражи, со измената на планот, добиваат 17 помалку или само 46, а инвеститорот на сметка на скратениот паркинг, си доби деловен простор. Продажбата на земјиштето со намена за изградба на катна гаража ја потпиша претходната локална власт и  градоначалникот Илчо Захариев од ВМРО ДПМНЕ, додека измените се со потписот на Благој Бочварски од СДСМ, сега актуелниот Министер за транспорт и врски. Случајот е само повторување на праксата – да се додели простор за општо добро на граѓаните, а потоа со редица итроштини и штедро помагање на надлежните институции, просторот станува нешто друго, подоходовно за сопственикот. Според сопственикот, станува збор за приватна инвестиција, се’ е според законот, а кога катната гаража ќе биде пуштена во употреба зависи од развојот на ситуацијата со пандемијата.

Фирмата Кит – Го речиси две години по купувањето и  добивањето на дозволата за градба на катна гаража,  бара и добива измена на основниот план и со амин на локалната самоуправа, земјиште купено и наменето  првично за Е2 градба (изградба на катна гаража), станува земјиште за Б2 градба, со намена- големи трговски центри. Промената не е техничка, туку во позадина e финансиската корист за приватниот инвестор, а загуба за граѓаните. Разликата е во цената на државното земјиште, кое  според тогашните ценовници, за Е2 градба (катна гаража) се продаваше по почетна цена од 500 денари за метар квадратен,  додека земјиштето за Б2 (големи трговски единици),  почетната цена беше 900 денари за метар квадратен.

(Според  ценовникот објавен -Службен весник бр 158,страна 6/18 ноември)

Фирмата Кит-Го, земјиштето од 1073 метри квадратни го купи на јавно наддавање на 12 ноември 2015 година, за 767.195 денари(12.365 евра) или 715 денари по метар квадратен.

Општината склучува договор со фирмата Кит-Го, со клаузула дека во никој случај не смее да се промени намената на земјиштето (договор бр-03-9815/1).

Фирмата целосно не ја смени намената, но  успеа да пренамени еден дел во деловен објект. На тоа место првично предвидено за 17 гаражи, како дел од комплексот од 65 гаражи,  сега е маркет, дел од синџирот маркети, што е основна дејност на фирмата Кит – Го.

Инвеститорот  Кит – Го, користи уште една законска поволност плус  – членот во договорот според кој се предвидува, доколку објектот е до 1000 метри квадратни, градбата на катната гаража да заврши за две години, а  над 1000 м2 до четири години. Случајно или не, купеното земјиште 1073 квадрати, или само 73 квадратни повеќе, со што фирмата добива четири години рок да ја заврши градбата. Повеќе од очигледно е дека пренамената и добивањето на деловниот објект е направено со умисла. Купено е земјиште во државна сопственост со стрикна намена за катна гаража , за да подоцна се пренаменува во деловен објект обезбеден со катна гаража.

Овој период, од две односно четири години, инвеститорот Кит – Го го користи за да ја направи промената на планот, како пат кон пренамена на дел од просторот во деловен. Две години од добивањето на дозволата за градба (17.08.2016), фирма Кит-Го, со потпис на новиот градоначалник, Благој Бочварски, со одлука на општината на 16.05.2018 година, добива одобрение за измена на основниот план.(бр. 18/18-157) Линк

Компанијата, која била добро запозната со урбанистичката легислатива, го користи Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање“,(Сл.весник-21.08.2015),и објектот од Е2 (само катна гаража) 85% останува катна гаража, 15% Б2 (големи трговски единици).

Според овој Правилник, дозволено е комбинирање на Е2 и Б2 класа, односно катна гаража со трговски единици, но основната намена(катна гаража), да не се промени.

На овој начин Кит-Го, си обезбеди деловен простор од 242 метри квадратни, од кој 8 м2 се магацински простор. Во Штип според информациите од  Агенциите за продажба на недвижнини цените на новоизграден деловен простор се движи од 1000 до 1500 евра за метар квадратен. Само со овој поростор, компанијата за дваесет пати го враќа вложеното со купувањето на градежното земјиште. Пазарната вредност на тие 242 метри квадрати е 242.000 евра, додека земјиште од 1073 м2 е купено за 12.365 евра. Тоа значи  дека профитот овде би бил околу 229.635 евра.

И покрај тоа што е извршен технички преглед на објектот „Гаражи со големи трговски единици“ и е констатирано дека градбата е целосно изведена и може да се употребува, истата се уште не е ставена во владение иако од извршениот технички преглед помина речиси една година(јануари 2019 год).

Дали всушност има некој технички проблем или едноствно никој не сака да стави свој потпис, засега никој не кажува.

Сопственикот на фирмата Кит-Го, Кирил Гогов, вели дека катната гаража не е пуштена во употреба затоа што требало да се довршат уште некои работи , како рампа и други технички работи во внатрешноста на објектот, иако сликите покажуваат а така вели и документот за технички преглед дека објектот уште на крајот на 2019 можел да се стави во употреба.

Како причина што објектот се уште не е во функција била и ситуацијата со Пандемијата од Ковид 19. Гогов вели дека објектот и не мора да се става во владение, ако некој пројави интерес да го земе комплетно под закуп.

Тој демантира дека со промената на основниот план со кој се предвидуваше објектот комплетно да биде гаража, а подоцна со измените освен гаражи се доби и деловен простор, се скратени гаражните места иако во проектот пишува дека се намалува просторот за гаражи. Гаражните места исцртани околу деловниот објект се всушност тие паркинг места што мора да ги имаат ваквите деловни објекти, што е и предвидено со законот.Тоа значи дека ќе ги користат тие што ќе пазаруваат, но не и тие кои што ќе сакаат да си закупат сопствен гаражен простор, за што има и голем интерес во една населба каква што е ,,8-ми Ноември“, главно со станбени згради.

„Не гледам зошто ве интересира кога објектот ќе биде пуштен или колку има или нема гаражи.Тоа си е приватна инвестиција и приватни деловни планови“, вели Гогов.

Тука како да не е битен фактот дека тој во 2015 година купил државно земјиште , кое според Урбанистичкиот план е предвидено за изградба на катна гаража, објект од јавен интерес.

Освен овој објект кој што го изгради во населбата „8-ми Ноември“ изграден е исти таков би рекле унифициран објект и во населбата „ Баби“, само што едниот објект беше предвиден за катна гаража а другиот само за маркет.

На Штипската фирма Кит-го која минатата година реализира годишен приход од 60 милиони евра и е една од 100-те најуспешни фирми во Македонија(2019-40 место) или столб  на економскиот развој во Источниот регион во земјава, нема проблем во  соработката со локалните власти без разлика кој е нејзиниот носител.

Со претходната локална власт на ВМРО ДПМНЕ, Кит- Го ги добиваше јавните набавки на превоз на ученици, а тој деловен однос продолжи и со промената на власта. Во периодот од 2014 до 2020 година, фирмата има добиено вклупно 25 јавни набавки, и инкасирала 179.847 евра.



Кит –Го со доаѓањето на СДСМ на власт, само ги продлабочи финансиско – деловните врски и стана главен партнер во ФК Брегалница, каде се наѕира уште еден градежен проект – новиот Градски стадион по УЕФА стандарди.

Меѓу јавните набавки во 2018 година, што прва година од градоначалнничкиот мандат на Благој Боварски, Кит – Го ја доби јавната набавка за превоз на ученици во вредност од 25.813 евра. Веќе следната година, откако општината реши да го продаде ФК Брегалница, сопственикот на Кит Го, Киро Гогов стана и сопственик на клубот, добивајќи 51% од акциите.

Редовно Кит-Го се јавува како спонзор и на манифестацијата „Штипска Пастрмалија “, континуирано без разлика кој е носител на локалната власт.

За време на корона кризата ова фирма на општината и општинскиот штаб Кит-Го донираше прехрамбени продукти и средства за дезинфекција во вредност од на 140.000 денари.

По се изгледа, Кит-го има намера да си ја наплати оваа своја „опшествена орговорност“, па наместо штипјани да добијат катна гаража која што ја чекаат со децении, оваа фирма ќе си добие деловен објект комплетно опремен и со гаражи по пример на големите трговски молови. Сето ова е направено со умисла и со веќе направен проект за унифицирани деловни објекти , каков што е и тој во населбата „ Баби“ и сето тоа со амин на општината, без разлика кој и да е на власт.

Гогов вели дека станува збор за приватна инвестиција и приватни деловни планови, па каде е овде јавниот интерес?