УЕФА отвори истрага за расистичка реторика против Ибрахимовиќ во Белград – ММС
ММС

Објавено на: 02/24/21 11:21 AM

УЕФА отвори истрага за расистичка реторика против Ибрахимовиќ во Белград

Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА) започна истрага во врска со тврдењата дека шведскиот фудбалер на Милан, Златан Ибрахимовиќ, бил подложен на расистичка реторика за време на натпреварот со Црвена ѕвезда, пренесува Анадолија (АА).

Според соопштението на УЕФА, назначен е инспектор за да го испита инцидентот во натпреварот од Лигата на Европа, одигран меѓу Црвена Ѕвезда и Милан на 18 февруари во Белград, главниот град на Србија.

Се наведува дека информациите кои ќе се добијат во истрагата ќе бидат споделени со јавноста во наредниот период.

За време на натпреварот Црвена Ѕвезда – Милан, одигран на Стадионот „Рајко Митиќ“, некои српски навивачи кои седеа во ложата го навредуваа Ибрахимовиќ кој е по потекло од Босна и Херцеговина.

Триесет и деветгодишниот фудбалер не играше на натпреварот кој заврши со резултат 2:2.

Познато е дека Шефик Ибрахимовиќ, таткото на Златан Ибрахимовиќ, имигрирал во Шведска од Босна и Херцеговина во 1970-тите.