Реакција на Независниот академски синдикат за изработката на нов Етички кодекс на УКИМ – ММС
ММС

Објавено на: 02/24/21 10:45 AM

Реакција на Независниот академски синдикат за изработката на нов Етички кодекс на УКИМ

Независниот академски синдикат (НАкС) реагира што Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” почнала постапка за изработка на нов Етички кодекс, а нацрт-текстот деновиве е доставен само до дел од вработените на единиците на УКИМ. Исклучени од процесот се и синдикалните организации, иако приложениот Нацрт-Етички кодекс, како што велат, експлицитно уредува права и обврски кон нив.

Поради тоа, НАкС вчера доставил мислење за Нацрт-Етичкиот кодекс до органите на УКИМ, а во допис до јавноста наведува кои се клучните проблеми со текстот и процесот на изработка на Кодексот. Според овој синдикат,  нејасно е зошто Ректорската управа почнала со изработка на нов кодекс, без претходна анализа и став со образложение од Управа или одлука на Сенатот. На голем дел од наставниците и вработените во единиците на УКИМ, посочува НАкС, не им е доставен нацрт-текстот, ниту пак се известени за започнатиот процес.

– Предложениот текст главно забранува, а не регулира односи врз база на етички вредности. Тој е репресивен во неговата суштина и оневозможува квалитетна расправа и критика, којашто е особено важна во високообразовна институција. Според текстот, основа за покренување постапка против прекршител на Кодексот се дела кои се подложни на арбитрарна проценка и толкување, како што се повреда на угледот на Универзитетот, неговиот интегритет, итн. Нацртот оди до таму што имплицира дека синдикалното здружување и другите форми на здружување на членовите на академската заедница се неетички, во случај кога раководните органи на Универзитетот ќе се произнесат дека нивните активности го повредуваат достоинството на Универзитетот и единиците. Овие одредби претставуваат јасен обид да се спречи јавното делување на членовите на академската заедница, надвор од официјалната догма на органите на УКИМ, наведува НАкС.

Според Независниот академски синдикат, на овој начин сериозно се загрозува правото на слобода на говор, мисла и уверување и се ограничува правото на слободно здружување на членовите на академската заедница. Наместо автономен универзитет кој обезбедува простор за дебата и критика во сопствената средина, УКИМ, велат од НАкС, ќе се претвори во авторитарна институција, која го потиснува различното мислење.

Според нацртот, посочува НАкС, комисии ќе постапуваат по претставки за прекршување на Етичкиот кодекс, но во самиот текст не е предвидена постапка за докажување на евентуалните прекршувања ниту, пак, е предвидено правото на одбрана и жалба. Пријава за утврдување повреда на некој од начелата на Нацрт-Етичкиот кодекс на Универзитетот може да поднесат само раководните лица, но не и работниците.

-Во Нацрт-Етичкиот кодекс не постојат одредби за тоа кој има право и како да пријави кога член на раководен орган: Ректор, Декан, директор или друг од позиција на моќ, ќе постапи неетички, дискриминаторски или ќе изврши некакво вознемирување, наведува меѓу другото НАкС, оценувајќи дека понудениот текст за Етички кодекс на Универзитетот е „омаловажувачки за академската заедница и спротивен на Уставот, ратификуваните меѓународни договори и релевантните закони” и нема одредби кои обезбедуваат основна заштита на слободата на научната мисла и слободата на говорот – основите на едно демократско општество и слободен универзитет.

Во реакцијата НАкС бара од Ректорската управа и Сенатот на УКИМ овој Нацрт-Етички кодекс да биде целосно отфрлен и да се отпочне постапка во која ќе бидат вклучени Сенатот и единиците на УКИМ уште од самиот почеток на постапката. Во спротивно, како што информира, ќе ги искористи сите механизми за одбрана на достоинството на академската заедница