Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, обвинет во предметот „Таргет – Тврдина”, кој од неделата беше недостапен за органите на прогонот, и по кого полицијата распиша национална и меѓународна потерница, вчера се појави пред Јавното обвинителство за да го подигне решението за домашен притвор што му го одреди Кривичниот суд.
Мијалков тврди дека не избегал, туку се повлекол во изолација поради здравствени причини. Имал висока температура и симптоми на корона, а за ситуацијата што настанала околу него дознал вчера изутрина. Тој им се извини на граѓаните, на премиерот, Владата и на сите други институции за непријатностите што биле предизвикани. Кажа и дека нема да бега и останува во државата.
Премиерот Зоран Заев, пак, смета дека Мијалков сакал да избега, но немал друг избор и го сторил она што му било неизбежна опција, да се пријави во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, со што е обезбеден неговиот притвор.
Акцијата за обезбедување на Мијалков, како што наведе Заев, тој лично ја кооринирал и со брзата мобилизација на сите институции биле елиминирани сите можности тој да ја напушти државата.
Најави доследно испитување на одговорноста и потенцира дека правдата е обезбедена и дека ќе ја има почесто и ќе следува ваков одговор на институциите. Според Заев, институциите покажаа капацитет и дека учат од бегството на Никола Груевски, посочувајќи оти државата не се откажува од обидите и за негово враќање и изведување пред лицето на правдата.
Порача дека Обвинителството и Судот пријавувањето на Мијалков не треба да го сметаат за олеснителна околност, ниту за овој ниту за друг случај, затоа што не треба да се заборави дека тој не беше достапен за правосудните органи и полицијата. Посочи дека истрагата треба да покаже зошто при спроведување на судската наредба Мијалков не е најден дома и оти ќе бара одговорност.
Обвинителката Вилма Рускоска, сепак, вели дека тоа што Мијалков самиот се пријавил во Обвинителството е олеснителна околност. Не одговори дали ќе побараат затворски наместо домашен притвор, кажа само дека ќе размислат за тоа.
Рускоска појасни дека Мијалков преку посредници побарал да се пријави токму во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, што во конслултација со државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, му било овозможено.
Јовески за МИА потврди дека на Мијалков вчера попладне му е врачено решение за определена мерка куќен притвор и тој е спроведен на извршување на мерката.
Основниот кривичен суд – Скопје, на предлог на Обвинителството, викендот на Мијалков му определи куќен притвор и 24-часовен видео и аудио надзор, како мерка на претпазливост пред објавувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина” што треба да се случи на 26 февруари.
Мијалков исчезна во неделата попладне. Полицијата три дена трагаше по него, беше распишана национална, потоа и меѓународна потерница, беа извршени претреси во објекти и повикани на информативни разговори членови на наговото семејство. Во меѓувреме се отворија и прашања дали, кој и како му помогнал да побегне. Највисоките државни претставници побараа да се утврди одговорноста за овој случај кој, како што оценија, може да ги компромитира напорите за справување со криминалот и корупцијата. Опозицијата, пак, обвини за договор меѓу власта и Мијалков и побара оставка од Владата, а за случајот се заинтересираа и САД и ЕУ.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера на прес-конференција категорично ги отфрли шпекулациите за какви било договори за бегство на Сашо Мијалков. Тврди дека МВР ги презеде сите расположиви мерки за негово пронаоѓање и оти проценките и анализите покажале дека ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков не ја напуштил државата.
За тоа која институција направила пропуст, рече дека МВР ги извршува наредбите кои ги добива од Обвинителството или од Судот, и не може ниту да носи одлуки, ниту да постапува без Обвинителството и Судот. Прашан дали чувствува лична одговорност за исчезнувањето на Мијалков, Спасовски кажа дека МВР веднаш постапило со сите расположливи средства од моментот на добивање на информациите и дека одговорноста мора да се бара во непостоењето на целосниот систем, нагласувајќи дека тие како Министерство немале мерка со која Мијалков ќе биде следен и чуван секаде каде што ќе се движи. За тоа дали постои крт во МВР, Спасовски рече дека се сомнева оти кртови има во сите институциите кои долги години биле под режим.
Премиерот Заев вчера ги повика на состанок одговорните лица на институциите надлежни за исчезнувањето на Мијалков, побара да го лоцираат и пронајдат, како и да се утврдат евентуалните пропусти.
Утврдување одговорност, политичка и кривична, побара и министерката за одбрана Радмил Шекеринска.
– Кај сите органи што потфрлиле ќе мораме да бараме и политичка, но од некои луѓе ќе мора да бараме и кривична одговорност. Ова не се случило само заради некој превид, се случило очигледно заради тоа што некој од малкутемина што знаеле, ја споделил таа информација со човекот кој требаше да се соочи со правдата, порача Шекеринска вчера од Криволак, каде што беше заедно со амариканската амбасадорка Кејт Брнз.
Амбасадорката Брнз нагласи дека САД ја следат ситуацијата и она што се случува на терен и имаат информации од Владата.
– Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата. Навистина имаме соработка. Се работи за случај што во моментот се одвива, рече таа и за сите прашања упати на Владата од каде што, како што додаде, и тие ги добиваат информациите. Ден претходно со сличен став излезе и Стејт депратементот.
И од ЕУ соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата, но заега нема да даваат коментар.
– ЕУ ја следи ситуацијата многу внимателно. Ние долго време инсистиравме на важноста да се утврди одговорност за сите злодела, вклучително и во случаите поврзани со нелегалните прислушувања. Засега, нема да коментираме за тековните кривични постапки, велат од Европската комисија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, обвини дека Владата и премиерот Заев направиле циркус со случајот со Сашо Мијалков и оти има договор меѓу власта и екс директорот на УБК.
Според него, само жестоката јавна расправа го спречила бегството на Мијалков, а не чекорите на власта.
Забележува и што на Мијалков не му е одреден ефективен, туку домашен притвор, а ќе нема ниту истрага за бегство. Целиот случај, како што наведе, нема да заврши со лисици на рацете на Мијалков туку со договор, а завршниот чин ќе го видиме во петок.
Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, од неделата беше недостапен за полицијата, која не успеа успеа да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на Обвинителството ја донел Кривичниот суд.
Тој е еден од обвинетите за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, незаконски биле следени 4286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Обинителството во завршните зборови за „Таргет-Тврдина” побара максимална казна за Сашо Мијалков, а пресудата треба да биде објавена в петок, 26 февруари.
МИА